Фит

Зошто никогаш не треба да го форсирате телото со вежбање?

8. август 2018 - 15:57 | К.З.

На некои луѓе им е потешко да најдат време за тренинг па затоа сметаат дека кога веќе ќе добијат шанса за вежбање, треба да се форсираат да направат што повеќе вежби и со што поголем интензитет. Но, според мислењето на еден врвен тренер, ваквиот начин на вежбање е погрешен и предизвикува повеќе штета отколку корист.

Фирас Захаби, главниот тренер на тренинг центарот Tristar Gym во Квебек, Канада, смета дека постојаното вежбање е многу поважно од интензивното вежбање.

„Навистина верувам дека никогаш не треба да чувствуваме болка – треба да тренирате и наредниот ден да се разбудите и да се чувствувате добро“, вели Захаби.

Според него, ваквото размислување треба да се применува без разлика дали вежбате редовно или само одвреме-навреме ја посетувате теретаната.

„Да речеме дека можете да направите само 10 склека. Ако ви вперам пиштол кон главата, повторно нема да можете да направите 11. Дали тоа значи дека треба да ве натерам да правите 10 склека секој тренинг? Не, туку ќе ве натерам да направите пет склека, па наредниот ден ќе направите уште пет, па денот потоа ќе направите шест. Кога шест склека ќе ви бидат лесни за правење, ќе направите седум“, вели тој.

Захаби вели дека форсирањето на секоја тренинг и туркањето на телото до крајната граница е контрапродуктивно бидејќи така на телото ќе му треба повеќе време за одмарање и регенерирање, со што го намалувате времето за вежбање.

„Вежбањето произведува енергија, но не треба да се преоптоварувате бидејќи така телото ќе се чувствува заморно. Никогаш не ја преминувајте црвената линија“, додава Захаби.

Наместо да вежбате со голем интензитет, пробајте да вежбате што почесто. Така ќе ја зголемите издржливоста и ќе ги намалите болките во мускулите, кои веројатно се предизвикани од дополнителниот товар кој не требало да му го нанесувате на телото.

Коментирај