Гравот е една од омилените намирници во Македонија, а има бројни совети како правилно да се зготви. Сепак, една супстанција која се наоѓа во гравот може да предизвика дигестивни проблеми.
Мешунките, јаткастите плодови, житариците и семките се здрава храна, но може да бидат многу штетни за организмот поради фитинската киселина.
Оваа киселина ги врзува важните елементи како бакар, магнезиум, јод, железо и цинк. Како резултат на тоа, овие елементи се излачуваат од телото пред да му дадат каква било корист за организмот.
Дигестивниот систем нема бариера за заштита од фитинска киселина, која ја спречува апсорпцијата на минерали, протеини и масти.
Резултатот е недостаток на важни хранливи материи, што може да предизвика проблеми со мускулно-скелетниот, имунолошкиот и дигестивниот систем.
Фитинската киселина е една од најчестите причини за анемија, според Светската здравствена организација (СЗО).
Меѓу намирниците кои содржат голема количина на фитинска киселина се овесот, оризот, пченицата, гравот, леќата, кикириките, грашокот и сојата.
Некои јаткасти плодови како лешниците, бадемите и оревите се исто така проблематични.
Голема количина на фитинска киселина има и во семките од сончоглед, афион, лен, тиква и сусам.
Сите овие намирници содржат голем број на хранливи материи кои му се потребни на организмот, вклучувајќи ги и влакната, па затоа не треба да се откажувате од нивниот внес.
Има неколку начини да се неутрализира оваа киселина. Еден од нив е термичка обработка, со што се намалува содржината на фитинска киселина за 30-35 проценти.
Сепак, најдобар ефект се постигнува со потопување на храната во вода. Единствениот недостаток на овој метод е тоа што одзема многу време.
На пример, кафеавиот ориз треба да стои во вода 12 часа, овесната каша 10-12 часа, белиот ориз девет часа, бисерниот јачмен шест часа...
За подобри резултати, можете да додадете малку оцет или сок од лимон во водата.
Постои уште еден начин за неутрализирање на фитинската киселина, а тоа е „проблематичната“ храна да се натопи во сурутка.
Исто така, при ‘ртење на гравот и зрната, количината на фитинска киселина се намалува за околу половина.
Комбинираната обработка на храна е најдобриот метод.
Ако истата храна прво се натопи, а потоа се зготви или испече, од неа ќе се ослободи најмногу фитинска киселина.
Треба да го потопите гравот во топла вода околу 18-24 часа. Дури тогаш фитинската киселина ќе излезе од гравот. Во длабок сад ставете ги зрната грав и покријте ги со топла вода која ги покрива околу 4-5 см. Добро е водата да се менува на неколку часа за да биде релативно топла.
Следниот ден фрлете ја водата, ставете во гравот нова вода и сварете го гравот на тивко. Оставете го гравот да се крчка на тивок оган додека целосно не се свари, а потоа додајте ги зачините.