Љубов и секс

Зошто ви е тешко да го преболите раскинувањето?

15. јули 2019 - 17:12 | А.С.

Зошто ви е тешко да продолжите понатаму со животот после раскинувањето на врската, иако сте свесни дека тоа било најдоброто можно решение и исход?

Раскинувањето не е лесен чекор, без разлика дали одлуката била взаемна, ваша или на другата страна. Сепак сте се разделиле од личност со која некогаш сте биле среќни, во која сте биле вљубени.

Има неколку причини зошто ви е тешко да го преболите и надминете раскинувањето:

Осаменост

Една од најчестите причини зошто на луѓето им е тешко да продолжат понатаму по раскинувањето е осаменоста за која стануваат свесни во моментот кога веќе го немаат партнерот покрај себе.

Осаменоста може да нѐ натера да почнеме да копнееме по личност која не била добра за нас.

Решение за ваквите моменти на криза е префрлање на фокусот. Најдобро е фокусот да го префрлите на себе, на нешто што ви причинува среќа, задоволство и радост. Искористете го ова слободно време за нешто корисно и продуктивно и не заборавајте – подобро е да сте сами отколку со некој кој не е добар за вас.

Изгубена самодоверба

Ако сте биле во врска со личност која не била добра за вас или не ви обрнувала внимание, можно е вие да сте почнале да ја губите самодовербата уште додека сте биле во таа нефункицонална врска.

Но, не е сѐ изгубено. Тоа била вашата реакција на таа личност и таа ситуација. Сега сте сами и целото внимание е насочено на вас и вашата добросостојба.

Опкружете се со луѓе кои ве сакаат и во го посакуваат само најдоброто, луѓе кои ве ценат и ве почитуваат, кои веруваат во вас и вашите способности.

Полека, полека, ќе избледи сеќавањето на тоа дека таа личност правела да се чувствувате лошо, а вие ќе најдете начин, механизам и метод да се сакате себе си и да ја одржувате таа љубов и почит кон себе.

Кога е навистина крај?

Ако вие во вашата глава немате расчистено дека е навистина крај, нема да можете да го почнете процесот на преболување и продолжување понатаму.

Одвреме-навреме се присетувате само на убавите моменти. Одвреме-навреме се убедувате дека (вие, другиот или двајцата) сте избрзале или погрешиле. Одвреме-навреме се убедувате дека таа врска уште има потенцијал.

Ако во главата имате уште многу неодговорени прашања за тоа зошто и како завршила врската, следува ладниот туш: најверојатно никогаш нема да ги добиете. Уште еден разговор со поранешниот партнер нема магично да ви даде одговори на сите прашања, затоа само прифатете го фактот дека врската завршила за да може да почне процесот на преболување и продолжување понатаму.

Коментирај