1 мај 1889, за прв пат се одбележал 1 Мај - Денот на трудот
Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.
Се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, била употребена сила од страна на полицијата, при што имало и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот биле изведени на суд, при што четворица од нив биле погубени.
Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот основачки конгрес во 1889 донела декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знак на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и поранешните комунистички и социјалистички земји. Во Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. До 2006 година се празнуваше 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден - 1 мај.