5 мај 1821, починал Наполеон Бонапарта
На островот Света Елена во Атланткиот Океан умрел Наполеон Бонапарта, големиот француски император и еден од најпрославените светски војсководци.
Роден бил на 15 август 1769 година во градот Ајачо на Корзика, во италијанска фамилија како Наполеоне ди Буонапарте. Два века претходно неговите претци имигрирале од регионот Тоскана во Италија. Истата година кога се родил, Корзика потпаднала под Франција под чија „окупација“ е и ден денес. Неговите родители се бореле против Франција во обид да ја зачуваат независноста на Корзика. „Јас сум од расата која создавала империи“, велел Наполеон алудирајќи на тоа дека е Италијанец, а не Французин.
Во 1804 година бил крунисан за император на Франција. Сакајќи да го освои светот, а претходно покорувајќи ја половина Европа, тргнал во напад на Русија во 1812 година, но доживеал пораз. Во април 1814 бил принуден да абдицира. Во 1815 одново се обидел да дојде на власт и само по 100 дена престој во Париз, бил интерниран на островот Света Елена.