Netflix го објави официјалниот трејлер за научно-фантастичниот трилер Atlas, во режија на Бред Пејтон (San Andreas). Главната улога во Atlas ја толкува Џенифер Лопес.
Филмот ја следи Атлас Шеперд, брилијантна, но цинична аналитичарка на податоци која не ѝ верува на вештачката интелигенција. Атлас се приклучува на мисијата да го запре злобниот робот Харлан, кој ќе се сврти против човештвото иако е создаден да му помогне. Откако мисијата тргне наопаку, Атлас мора да се здружи со вештачката интелигенција по име Смит за да преживее и да го спаси светот.
Сценариото за филмот го напишаа Лео Сардаријан и Арон Ели Колеит. Во споредните улоги се Симу Лиу, Стерлинг К. Браун, Марк Стронг, Абрахам Попула и Лана Парила.
Иако повеќето гледачи се согласија дека визуелно трејлерот изгледа импресивно, многумина веруваат дека приказната не е доволно квалитетна.
„Што не е во ред со овој трејлер? На толку драматичен начин го откри целиот заплет“, напиша еден корисник на YouTube.
„Netflix убива научна фантастика без ничија помош“, додаде друг.
„Катастрофален дијалог. Ова изгледа толку лошо“, напиша трет.
Atlas ќе има премиера на Netflix на 24 мај оваа година.