Републиканската партија и формално го избра американскиот милијардер Доналд Трамп за свој кандидат на претседателските избори што ќе се одржат во ноември. Според аналитичарите, партиската номинација претставува голема победа на човекот чии претседателски амбиции до почетокот на партиската кампања беа мета на потсмев.
По кампањата во која победи дури 16 ривали и ја неутрализира внатрепартиската опозиција, Трамп, во Кливленд на Републиканската конвенција, рекол дека е време да „оди до крај“ и на изборите во ноември да ја победи Хилари Клинтон.
На конвенцијата, на која сите сојузни држави го соопштуваат бројот на делегати кои го поддржуваат Трамп, мнозинството плус еден глас му го обезбеди неговата матична држава Њујорк.
Агенциите пренесуваат дека на Конвенцијата во Кливленд, победата на Трамп не била едногласно прифатена, односно дека многу од делегатите само куртоазно му ракоплескале на Трамп, додека имало и такви кои предвреме ја напуштиле салата, а некои отворено го искажале своето незадоволство.