Франција синоќа ја освои титулата на женскиот ракометен Мундијал. Во финалето во данскиот град Хернинг, Французинките ги победија бранителките на трофејот, Норвежанките, со 31:28 (20:17).
Франција трет пат, во седмото финале, го освои златниот медал. Апсолутно заслужено, бидејќи на ова Светско првенство двапати успеа да ја победи Норвешка.
Со исклучок на првите 15 минути, кога Норвешка стекна предност од два гола, Франција во целост го контролираше натпреварот. Одличната одбрана ги натера Норвежанките на голем број грешки, од кои неколку на Нора Мерк се случија во клучните моменти на натпреварот.
Лена Грандво и Тамара Хорачек ја предводеа Франција со 5 гола, гол помалку постигнаа Орлан Канор и Клое Валентини. Мерк со 8 гола беше најефикасна кај Норвешка, 6 гола постигна Стине Офтедал, а 5 Хени Реистад, која беше прогласена за МВП на првенството.
Бронзата на Мундијалот ја освои Данска со победата над Шведска од тесни 28:27.