Здравје

Како да ги разликувате грипот и настинката?

3. јануари 2017 - 10:49 | Б.С.Б.

Сезоната на настинки и вирусни инфекции е во полн ек, а многумина ги мешаат симптомите на настинка и грип, со што домашното лекување може да добие погрешна насока. Како да ги разликувате симптомите на грип и настинка?

Грипот и настинките се предизвикани од вируси, а на почетокот нивното разликување е отежнато бидејќи имаат заеднички симптоми.

1. Кога започнуваат првите симптоми?

Првите показатели на настинка се јавуваат по еден до два дена по контактот со вирусот, обично со болки во грлото и водлест секрет од носот. Кај грипот се случува целосен пресврт, од утринско здраво и полетно чувство до болки во целото тело за само неколку часа. Болеста нагло започнува со висока температура и јака главоболка.

Високата температура, главоболка, болки во зглобови и мускули, губење на апетитот, исцрпеност– се дел од симптомите на грип и тие бараат мирување и лежење во кревет, за да не се комплицира состојбата.

При настинка температурата не е висока, не се јавува исцрпеност, а вообичаени симптоми се кивање, болки во грло, затнат нос, кашлица.

2. Најчести слични симптоми

Симптомите на почеток се слични, но кај грипот се посилни и траат подолго. Заболувањето од грип е почесто во студените месеци, додека настинка може да фатите во било кој период од годината. Болката во грлото и исцедокот од носот се првите знаци и кај грип и кај настинка. Но, има голема разлика. Кај настинката проблемите со носот и синусите почнуваат откако ќе престанат болките во грлото, по што следува безбоен исцедок од носот. Постепено исцедокот станува погуст и жолт, а во петтиот ден состојбата се подобрува.

Кај грипот, исцедокот останува ист по неколку дена, а кашлицата сува и непродуктивна.

3. Висока температура кај грип

Ако сте болни од грип чувството на главоболка и грозница е поинтензивно, а телото е буквално приковано за кревет, што значи дека станува збор за покачена температура до 40 степени.

4. Лежење во кревет

Некои луѓе настинката ја минуваат на нозе и функционираат нормално. Но, луѓето со грип не можат да станат од кревет поради високата температура и потењето. Болки во зглобовите, губење на апетитот, исцрпеност и потреба за сон, ова се дел од симптомите што тие ги чувствуваат. Ним им е потребно лежење во кревет, храна што ќе им даде енергија, витамин Ц, сон, а може да вклучат и антиоксиданти, витамини, природни имуностимулатори, како и чаеви, супа и овошје.

5. Колку трае настинката, а колку грипот?

Најлошото кај настинката минува за 7 дена, а целосно треба да се повлече од организмот  максимално 4 недели по заболувањето. Грипот го исцрпува телото, така што болките и уморот можат да се задржат со недели. Кај некои заболени со ослабен организам може да се појават зголемени болки во пределот на стомакот, зглобовите и мускулите.

Најдобар начин да се заштитите е често миење на рацете, да избегнувате контакт со носот, очите и устата и да избегнувате затворени простории со болни луѓе. 

Коментирај