Италијанската компанија Mazzanti овој викенд на саемот во Болоња ќе го претстави моделот Evantra 771, а овој ултраспортски модел не е нивниот најсилен модел. Станува збор за двосед кој има централно поставен 7.0-литарски V8 мотор кој развива 780 коњски сили без турбо-полнач и има 900 Nm максимален вртежен момент.
Прецизни податоци за забрзувањето и за максималната брзина, се уште нема, но јасно е дека Evantra 771 ќе биде побрза од стандардниот модел кој има 20 коњски сили помалку, како и дека ќе забрзува до „стотка“ за околу 3 секунди и дека ќе развива брзина поголема од 360 километри на час.
Во однос на стандардниот модел се разликуваат и според аеродинамиката на одредени каросериски елементи, а основачот и сопственик на компанијата Лука Мазанти вели дека сите досега произведени модели на Evantra можат да бидат трансформирани во верзијата 771.
На врвот на понудата на Mazzanti е ограничениот модел Evantra Millecavalli кој има 7,2-литарски V8 би-турбо мотор што нуди повеќе од 1.000 коњски сили, што оди во прилог на изјавата на сопственикот, дека Millecavalli е најсилниот автомобил произведен во Италија, наменет за возење на јавните патишта.
За да ја задржи ексклузивноста, моделот Evantra Millecavalli (чие име значи 1.000 коњи) ќе биде понуден во само 25 примероци, а купувачите ќе можат да уживаат во врвните перформанси како забрзувањето од 0-100 километри на час за само 2,7 секунди и максималната брзина од 402 километри на час.