Серија А продолжува вечерва со натпреварот меѓу Удинезе и Рома, но на сосема невообичаен начин бидејќи дуелот ќе се игра само 18 минути.
Натпреварот кој се играше минатата недела требаше да продолжи во 20 часот, но беше прекинат во 72. минута поради ужасна сцена. Фудбалерот на Рома, Еван Ндика колабираше на теренот, имаше минути на паника и вознемиреност на „Дачија Арена“, но на крајот се испадна на најдобар можен начин.
Дуелот веднаш беше прекинат и беше одлучено таа вечер да не се игра на самиот север на Италија. Двата тима ќе ја продолжат пресметката вечерва од 20 часот, а челниците на Серија А се решија на сосема неочекуван потег - играта ќе продолжи од 72. минута.
Неодамна слична сцена беше забележана и во Англија, кога дуелот помеѓу Борнмут и Лутон беше прекинат во второто полувреме откако му се слоши на гостинскиот капитен Том Локер. Сепак, челниците на Премиер лигата решија да ја започнат играта од почеток и да го анулираат тогашниот резултат 1:1.
Интересно, на дуелот меѓу Удинезе и Рома резултатот е 1:1, но играчите ќе пристигнат во „Дачија Арена“ за да ги одиграат последните 18 минути. Рикардо Перејра ги доведе домаќините во водство со гол во 23. минута, но Ромелу Лукаку израмни на 1:1 пред самиот прекин.
За работите да бидат поинтересни, тешко е да се процени кому е поважен овој натпревар. Рома е на петтото место во жестоката битка за Лигата на шампионите и секој бод и е важен, додека Удинезе е на прагот од зоната за испаѓање со 28 бода.
Па веројатно и двете екипи вечерва со сите сили ќе се обидат да постигнат гол и да победат, а дали ќе им бидат доволни 18 минути останува да видиме.