Бизнис

Неверојатни бројки: Профит од 111 милијарди долари за само една година

1. април 2019 - 20:39 | К.З.

Нето добивката на компанијата Saudi Aramco од Саудиска Арабија за минатата година достигна неверојатни 111 милијарди долари, пренесува агенцијата Moody’s Investor Services во извештајот што беше објавен денеска.

Се работи за редок увид во финансиите на арапската државна нафтена компанија во пресрет на нејзината прва емисија на обврзници на меѓународниот пазар.

Овој податок ја позиционира Saudi Aramco пред некои од најпрофитабилните компании на светот. Чисто за споредба, минатата година Apple забележа нето профит од 60 милијарди долари, Royal Dutch Shell од 23 милијарди долари, а Exxon Mobile „само“ 21 милијарди долари.

Извештајот на Moody’s открива дека приходот на саудискиот нафтен гигант достигнал 355,9 милијарди долари, а производството изнесувало 10,3 милиони барели сирова нафта на ден.

Покрај Moody’s, и Fitch Ratings направи проценка на работата на компанијата и според нивните наоди, компанијата остварила добивка од 224 милијарди долари пред од таа сума да бидат одземени каматата, данокот, депрецијацијата и амортизацијата за 2018 година.

Сосем заслужено, според Fitch, компанијата Saudi Aramco доби А+ кредитен рејтинг. Истиот е случајот и според Moody’s, кој на Aramco ѝ даде кредитна оцена од А1 – највисоката можна на нивната скала.

Коментирај