Италијанскиот автомобилски гигант го претстави третиот нов модел во 2019 година, по Tributo и SF90 Stradale.
Ferrari F8 Spider е кабриолет верзија на моделот F8 Tributo, но и наследник на Ferrari 488 Spider.
Автомобилот стилски се надоврзува на F8 Tributo, од кого се разликува по електросклопливиот цврст кров и задниот дел на каросеријата што мораше да се модифицира. Кровот се крева, односно спушта, за 14 секунди, а и двете операции може да се одвиваат додека возилото е во движење, но само при брзина од 45 км/ч.
Во споредба со претходникот, моделот 488 Spider, Ferrari F8 Spider е полесен за 20 килограми, а како што нагласуваат од производителот во Маранела, аеродинамиката на автомобилот е подобрена за 10%.
Новиот ривал на McLaren 720 Spider користи 3,9-литарски твин-турбо V8 мотор што го има и купе верзијата на F8 Tributo.
Со 720 коњски сили што ги испорачува при 8.000 вртежи во минута и 770 Nm, моторот е помоќен од оној на 488 Spider за 50 „коњи“, додека максималниот вртежен момент е поголем за 10 Nm.
Ferrari F8 Spider забрзува од 0 до 100 км/ч за само 2,9 секунди, а од 0 до 200 км/ч за 8,2 секунди.
Максималната брзина изнесува 340 км/ч, што е за 15 километри на час повеќе во споредба со 488 Spider.
F8 Spider не е последниот модел што Ferrari ќе го претстави во 2019 година, со оглед на тоа дека за во септември е најавена уште една премиера на автомобил со отворен кров - 812 Superfast кабриолет.
Извршниот директор на компанијата вети дека во периодот од 2019 до 2022 година ќе исфрлат на пазарот 15 нови модели и дека значително ќе ја зголемат просечната малопродажна цена на возилата Ferrari. Колку за споредба, просечната цена на моделите на Ferrari лани изнесуваше 274.000 евра.