Роботскиот хеликоптер на НАСА Ingenuity за истражување на Марс, кој американската вселенска агенција го испрати на планетата во февруари 2021 година, ја испрати својата последна порака до Земјата и сега ќе служи како фиксна единица за собирање податоци за површината на Црвената планета, беше објавено вчера.
Во 2021 година, Ingenuity стана првото вселенско летало со погон што слета на друга планета, докажувајќи дека е можно да се лета во атмосферата на Марс, каде што густината на воздухот е многу тенка во споредба со Земјата.
Ingenuity тежи само 1,8 кг и повеќе личи на дрон. Станува збор за летало со соларна енергија што наликува на кутија со четири нозе и два ротори, а својот прв револуционерен лет го направи во април 2021 година, лебдејќи на висина од околу еден метар над површината на Марс цели 39 секунди. НАСА го спореди овој подвиг со историскиот лет на браќата Рајт на Земјата во 1903 година.
Првично, НАСА планираше 30-дневна мисија во која хеликоптерот требаше да лета само пет пати, но таа се разви во речиси тригодишен научен потфат со 72 лета кои покриваа растојание 14 пати поголемо од првично планираното.
Досега Ingenuity помина вкупно околу 17 километри и леташе на висина од 24 метри. Тој пристигна на Марс во февруари 2021 година со роверот Perseverance.
„Збогум“, напиша тимот на Ingenuity на X. „Тимот Ingenuity ја прими последната порака од роботскиот хеликоптер кој сега ќе служи како платформа за тестирање и ќе собира податоци кои би можеле да придонесат за идните истражувачи на Црвената планета“.
Долговечноста на Ingenuity е неверојатна, особено ако се земе предвид дека мораше да преживее студени ноќи на Марс, загревајќи се со соларни панели кои ги полнеле неговите батерии во текот на денот.
Ingenuity се соочи со „итно слетување“ за време на својот претпоследниот лет и изгуби контакт со роверот Perseverance за време на неговото последно спуштање на 18 јануари. Иако контактот беше остварен следниот ден, сликите открија оштетување на едно од сечилата на роторот од јаглеродни влакна, веројатно поради удар со површината на Марс.
НАСА во понеделникот објави дека бара начини да ги врати на Земјата карпите собрани од Perseverance на Марс што е можно побрзо и поевтино, особено по критиките за финансирањето на мисијата.