Најмногу гласови на денешните регионални избори освоија Баскиската националистичка партија (PNV), која сака поголема автономија на Баскија во рамките на Шпанија и левичарската партија EH Bildu (Euskal Herria Bildu), која се залага за отцепување.
Владејачката PNV и опозициската EH Bildu добија по 27 претставници во 75-члениот баскиски парламент. За да се формира влада во оваа северна автономна покраина, неопходно е да има 38 претставници.
PNV, која управува со Баскија од 2012 година, освои 35 отсто од гласовите, а EH Bildu 32 отсто. PNV затоа ќе има можност да формира коалициска влада со една од другите унионистички партии.
Најверојатно тоа ќе се обиде да го постигне со Социјалистичката партија на шпанскиот премиер Педро Санчес, која го зазеде третото место со 12 пратеници. PNV сè уште управува со Баскија како малцинство со поддршка на социјалистите.
Изборите во Баскија, дом на 2,2 милиони жители, укажаа на зајакнување на желбата за независност во еден од најбогатите региони во Европа, познат по својата индустрија и туризам.
EH Bildu, блиска до распуштената сепаратистичка вооружена група ЕТА, постигна историски резултат. Во однос на претходните избори освои уште шест пратеници и беше на дофат на победа.
На гласање излегле 62,5 отсто од гласачите, што е за 10 процентни поени повеќе отколку на последните избори во пандемијата 2020 година.