Кошарка
ФИБА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО КИНА 2019

Србија го победи САД во дуелот на несудените финалисти

12. септември 2019 - 15:14 | Ф.З.

Планираа голема пресметка во финалето, а на крај завршија играјќи за пласман од 5 до 8 место. Србија со 94:89 го совлада САД во пирова победа која за Американците значи и најлош пласман во историјата на мундијалите.

Никој не предвидуваше дека најголемите фаворити за златото, репрезентациите на САД и Србија, ќе ги гледаме во натпревар кој одлучува за пласман од 5-то до 8-мо место. Но, откако доживеаја четвртфинални елиминации од Аргентина и Франција, токму тоа и го заслужија.

Во првата четвртина Србите буквално ги прегазија Американците добивајќи ги со неверојатни 32:7, но во наредната САД вратија со иста мера добивајќи ја 33:12.

До крајот се водеше прилично израмнета битка иако српските кошаркари водеа цело време, на моменти и со десетина поени разлика. Интересно, Американците само еднаш имаа водство и тоа на почетокот кога први постигнаа двојка.

Најефикасен беше Богдан Богдановиќ кој постигна 28 поени, Харисон Барнс даде 22, додека Кемба Вокер 18.

Сега Србија во дуелот за 5-тото место ќе игра со победникот од Полска - Чешка, додека САД ќе игра за 7-мото со поразениот од истиот натпревар. Во секој случај тоа ќе биде најслаб пласман во историјата на САД на мундијалите, надминувајќи го она шесто место во 2002 на домашен терен.

Коментирај