Мора да оставиме простор за изненадувања и херојски акти од некој од кошаркарите на Портланд Трејл Блејзерс, но првичниот впечаток е дека тимот на Голден Стејт Вориорс со брзи чекори напред оди кон ново финале, во кое за првпат по четири години ќе има нов противник.
Домашниот терен беше сведок на уште една фантастична партија на кошаркарите на Вориорс, кои го победија составот на Блејзерс со резултат 114:111 и обезбедија предност од 2-0 во финалната серија, пред таа да се пресели во Портланд.
Пред почетокот на серијата, многумина се прашуваа дали Голден Стејт Вориорс е способен да го издржи тешкиот плејоф распоред, но Стеф Кари покажа дека не чувствува никаков притисок кога се работи за предводење на тимот. Синоќа тој беше маестрален и вечерта ја заврши со 37 поени, 8 скока и 8 асистенции, а неговиот партнер од бековската постава, Клеј Томпсон, постигна 24 поени.
Демијан Лилард постигна 23 поени и додаде 10 асистенции, а Си Џеј Меккалум натпреварот го заврши со 22 поени и 5 асистенции. Сепак, навистина е тешко да се претпостави дека Блејзерс имаат некакви шанси во серија против разиграниот тим на Голден Стејт Вориорс, посебно поради тоа што на тимот од Портланд му фали моќното присуство на центарот Јусуф Нуркиќ. Помладиот брат на Стеф Кари, Сет, постигна 16 поени и за момент му даде надеж на неговиот тим дека може да стигне до триумф.
Вечерва на програмата е вториот натпревар од финалето на Источната конференција помеѓу Милвоки Бакс и Торонто Репторс. Тимот на Милвоки има водство од 1-0 во серијата.