Тужбата е последниот обид на TikTok да ја спречи можноста за забрана, бидејќи ривалските компании се обидуваат да ги искористат предностите од огромниот приход од реклами што ByteDance ги генерира во САД.
Сопственикот на социјалната мрежа TikTok, кинеската компанија ByteDance, поднесе тужба до федералниот суд на Соединетите Американски Држави барајќи да го блокира извршувањето на законот со кој се наредува продажба на платформата во САД или конечна забрана за нејзино работење.
Во тужбата, поднесена во Апелациониот суд во округот Колумбија, ByteDance тврди дека законот го прекршува Уставот на САД по повеќе основи, вклучително и слободата на говорот.
„За прв пат во историјата, Конгресот усвои закон со кој платформата подлежи на трајна забрана“, велат кинеските компании во тужбата, во која исто така се истакнува дека продажбата на TikTok „едноставно не е возможна: ни комерцијално, ни технолошки, ни правно“.
Поради ова, тврди кинеската компанија, законот ќе присили исклучување на TikTok во САД до 19 јануари 2025 година, а со тоа „замолчувајќи ги 170 милиони Американци кои ја користат платформата за да комуницираат на различни начини што не можат да се постигнат на друго место“.
Контроверзниот закон, потпишан од американскиот претседател Џозеф Бајден на 24 април, му дава на ByteDance рок од 9 месеци или да го продаде TikTok на заинтересирана американска компанија или да се соочи со забрана на нејзината социјална мрежа во САД, потсетува Reuters.
Претставничкиот дом на САД со големо мнозинство го усвои законот на 21 април, стравувајќи дека властите во Пекинг би можеле да добијат пристап до податоците за американските граѓани или да ги шпионираат преку апликацијата TikTok.
Одредбите од законот им забрануваат на продавниците за апликации да го нудат TikTok во САД, освен ако ByteDance не ја продаде својата апликација на друг американски сопственик до 19 јануари следната година. Претставниците на кинеската компанија негираа дека TikTok некогаш споделувал или ќе сподели податоци за американските корисници.
Тужбата е последен обид на TikTok да ја спречи можноста за забрана, додека компаниите како Snap Inc. и Meta сакаат да ја искористат таа неизвесност за да ги грабнат големите приходи од рекламирање што ByteDance ги генерира во САД.