Фудбал

Тимот од 11 слободни играчи наредното лето изгледа застрашувачки

5. септември 2019 - 13:34 | Ф.З.

Преодниот рок заврши, а клубовите веќе мислат на потенцијалните засилувања за следниот трансфер период. Но, освен засилувањата во следниов зимски преоден рок, европските великани размислуваат и на играчите на кои наредното лето им истекуваат договорите па би можеле да ги донесат без отштета. Нормално, доколку во меѓувреме не ги продолжат договорите со своите клубови, што е малку веројатно со оглед на тоа што досега не направија такво нешто.

Ова се идеалните 11 играчи поставени во формација 3-4-3 кои наредното лето ќе бидат слободни играчи, а веќе во јануари би можеле да договорат трансфер во друг клуб.

Давид де Хеа (Манчестер Јунајтед)
Слајниот шпански голман можеше уште летово да стане слободен играч, но Манчестер го задржа во своите редови благодарение на клаузулата во неговиот договор според која соработката автоматски се продолжува на уште една година. Де Хеа сезонава би требало да надмине 400 натпревари за „црвените ѓаволи“, но 28-годишниот голман на лето најверојатно ќе го напушти „Олд Трафорд“.

Тијагу Силва (ПСЖ)
Осма сезона бразилскиот дефанзивец игра за ПСЖ. Има 34 години, а неодамна изјави дека размислува кариерата да ја заврши во Париз каде за ПСЖ запиша 285 натпревари, постигна 20 голови и освои 20 трофеа. Досега не го продолжил договорот кој му истекува на лето, а заситеноста е главната причина која може да го премисли и сепак да ја заврши кариерата во друг клуб.

Џорџо Кјелини (Јувентус)
Италијанскиот „касап“ неодамна за време на тренинг скина лигамент, замина на операција и сега го чека шестмесечна пауза. Прашањерто е дали воопшто повторно ќе заигра за „старата дама“ чиј член е од 2005 година. Има 35 години и ќе биде интересно да се види дали Јуве ќе го задржи после 15 години, 507 натпревари, 36 голови, 22 асистенции и 17 трофеи.

Александар Коларов (Рома)
Поранешниот играч на Лацио се соочи со големи проблеми со навивачите на Рома кога потпиша за „волчицата“ против која претходно играше. Иако лев бек, за две сезони постигна 14 голови и асистираше 15 пати во 92 натпревара, а во новава сезона веќе постигна два гола по првите две кола. Поради неговата статистика Рома ќе проба да го задржи, но прашање е  што сака следно да направи 33-годишниот капитен на репрезентацијата на Србија.

Лука Модриќ (Реал Мадрид)
Хрватскиот капитен и најдобар играч на светот за 2018 година од јануари ќе може да преговара за трансфер во друг клуб бидејќи договорот со Реал му истекува на лето. Но, Модриќ има клаузула во договорот која предвидува автоматско продолжување на истиот. За Модриќ најмногу притискаа Интер и Милан, а после осум сезони со 305 натпревари, 17 голови, 48 асистенции и 14 трофеи од кои четири во Лигата на шампиони, се чини Хрватот е заситен од својот престој на „Сантјаго Бернабеу“.

Давид Силва (Манчестер Сити)
Пред девет години Силва дојде во Манчестер од редовите на Валенсија и се чини дека после точно десет години на „Етихад“ ќе ја заврши островската авантура и ќе се врати дома. Тој изјави дека не би играл за друг англиски клуб, а желба му е кариерата да ја заврши во Валенсија. За „граѓаните“ одигра 401 натпревар со 71 гол, 134 асистенции, а Премиер лигата ја освои 4 пати.

Кристијан Ериксен (Тотенхем)
Ако некој со сигурност ќе го промени клубот, тоа е данскиот треквартиста бидејќи упорно одбива нов договор и покрај притисокот од страна на Тотенхем. Во Лондон е од 2013, одигра 281 натпревар, постигна 67 голови и запиша 86 асистенции. Не успеа да освои ниту еден трофеј, а загуби две финалиња, едно во Лигата на шампионите лани и едно во Лига купот. Токму неосвојувањето на трофеи е главната причина поради која сака да си замине, а на големо се поврзува со премин во Јуве.

Вилијан (Челси)
Бразилецот дојде на „Стемфорд Бриџ“ во 2013 година, одигра 295 натпревари збогатени со 52 гола и 53 асистенции. Двапати стана шампион на Англија, а по еднаш триумфираше во Лига Европа, ФА куп и Лига купот. Но, Вилијан ретко игра 90 минути, или го вадат од игра предвреме или пак влегува во игра од клупата за резерви. Дури 123 пати го извадија од игра, а 84 пати влегуваше од клупата. Тоа значи дека само 88 натпревари ги одигра цели.

Марио Гетце (Борусија Дортмунд)
Откако во 2013 година го предаде клубот од Дортмунд преминувајќи во најголемиот ривал Баерн, Борусија му го прости тоа и во 2016 му дозволи да се врати дома. Сепак, јунакот од финалето на Мундијалот во 2014 иако има 27 години на теренот делува како ветеран поради повредите кои редовно го пратат. За тимот од „Вестфален“ запиша точно 200 натпревари со 42 гола, 60 асистенции и пет трофеи.

Дрис Мертенс (Наполи)
Летото 2013 дојде од ПСВ и стана еден од најдобрите играчи во Серија А. На 284 натпревари за Наполи постигна дури 110 голови и 68 асистенции, но проблем е што Белгиецот веќе има 32 години, а има освоено само два трофеа на „Сан Паоло“ и тоа по еднаш Копа Италија и италијанскиот суперкуп. Ако оваа сезона Наполи повторно не го освои Скудетото, се чини на трпението на Мертенс ќе му дојде крај. Доколку успее, а е многу веројатно, сезонава да стане и најдобар стрелец во клупската историја, Мертенс ќе нема веќе мотиви да игра за Наполи. Моментално тој е трет зад Диего Марадона со 115 и Марек Ханшик со 121 гол.

Единсон Кавани (ПСЖ)
Листата на играчи кои од 2013 година му се приклучиле на својот клуб се затвора со уругвајсјкиот голгетер. Во ПСЖ дојде од Наполи и постигна фантастични 195 голови на 283 натпревари додавајќи 40 асистенции. И покрај ваквите бројки, ПСЖ е решен да го менува со помлад, па 32-годишниот Кавани најверојатно ќе се врати во Италија.

3-4-3: де Хеа - Тијагу Силва, Кјелини, Коларов - Модриќ, Давид Силва, Ериксен, Вилијан - Гетце, Мертенс, Кавани

Коментирај