Вашингтон, 13 јануари 2019 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп скрил детали од разговори со рускиот колега Владимир Путин, објави Washington post.
Овој американски весник објави текст денеска, два дена откако New York Times напиша дека ФБИ отвори истрага за односите на Трамп со Русија.
Повикувајќи се на актуелните и поранешни официјални претставници на Белата куќа, Washington Post објави дека Трамп побарал од преведувачот, кој бил на состанокот на американскиот и руски лидер, да не објавува или да разговара за детали од неговиот разговори со Путин.
Според весникот, средбата на Трамп и Путин се одржала во Хамбург во јули 2017 година, а на неа бил и тогашниот државен секретар Рекс Тилерсон.
Американските официјални претставници дознале дека Трамп скрил белешки кога советник во Белата куќа и висок официјален претставник на американскиот Стејт департмент побарал информации од преведувачи, различни од оние што ги споделувал Тилерсон, нагласува Washington Post. Администрацијата на Трамп ги отфрли тие наводи.