BMW денес може да се пофали со современиот електричен модел i3 или спортскиот хибрид i8, но малку е познато дека уште пред 45 години, германскиот производител направил функционален електричен автомобил кој дебитирал на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.
Предок на денешните електрични автомобили на BMW е моделот 1602е. Возилото било базирано на стандардниот BMW 1602, меѓутоа под хаубата на електричната верзија наместо мотор со внатрешно согорување се наоѓале 12 акумулатори на Varta од 12 V, со вкупен капацитет од 12,6 kWh и маса од 350 кг.
Акумулаторите го напојувале погонскиот електромотор на Bosch кој можел да испорача максимални 44 КС. Електромоторот ги движел задните тркала, а автомобилот можел да развие 100 км/ч и да забрза од 0 до 50 км/ч за 8 секунди.
BMW направил два примероци од 1602е, кои биле претставени на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.
Возилата во реални услови на сообраќај можеле да поминат околу 30 километри пред да им се испразнат акумулаторите, меѓутоа BMW тврдел дека максиманлата автономија им е 61 километар, под услов да се движат со константна брзина од 50 км/ч.
BMW 1602е имал и некоја верзија на систем за регенеративно кочење, па дел од енергијата користена за кочење можела да се претвори во електрична енергија која се складирала во акумулаторите.
Со обзир дека концептот имал скромен радиус на движење, германскиот призводител проценил дека сериска верзија не е изводлива и се откажал од понатамошен развој на електричен автомобил. Овој вид на погон ќе се врати неколку децении подоцна, за денес со успех да произведе еден целосно електричен модел (i3) и неколку хибриди.