Процентот на избирачите кои гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголема е излезеноста во Новаци – 42,87, а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Останатите се во обработка.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видеоповик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи Facebook и Twitter и каналот на YouTube.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезеноста на гласачите, вкупна и по општини.