Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 9:30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 9:20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6:30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.