Убедлив лидер на светско ниво кога станува збор за зеленило во градските средини е англискиот град Шефилд, петти по големина во Англија.
Шефилд е индустриски град познат по производството на челик, најголем град во Јужен Јоркшир и најзелен во Велика Британија. Според проценките, Шефилд има 4,5 милиони дрвја, додека градот има население од 579,082 жители, што значи 7 дрвја по глава на жител.
Овој индустриски град дури пред неколку години го доби признанието на зелен град, по што предизвика голем интерес кај еколошките здруженија.
Сѐ започна пред десетина години кога жителите се побунија поради сечата на многу дрвја во градот, па се роди иницијативата Sheffield Street Trees Partnership со цел разеленување на градот.
Некогаш познат под прекарот Челичен град поради големите индистриски капацитети, денес Шефилд е лидер во урбано зеленило, не само во Англија, не само на островот Велика Британија, не само во целото Обединето Кралство, туку во Европа и светот. Дури 61% од градот е покриен со зеленило кое вклучува 250 паркови, градини и шуми. Тука предничи националниот парк „Пик Дистрикт“.
За бројното зеленило улога има и одличната географска положба на градот. Лежи на источната стана од долината на реката Дон и низ него течат нејзините четири притоки: Локсли, Портер Брук, Ривелин и Шеф. Токму од последната река доаѓа и името на градот.
Шефилд е и дом на најстариот активен фудбалски клуб во светот - Шефилд ФЦ - формиран во далечната 1857 година.