Тенис
ДЕЈВИС КУП АТИНА 2019 ТРЕТА ГРУПА

Тенисерите против Естонија, Латвија и Црна Гора на Дејвис купот

10. септември 2019 - 15:23 | МИА

Атина, 10 септември 2019 (МИА) – Тениската репрезентацијата на Северна Македонија ќе игра против Естонија, Латвија и Црна Гора на Дејвис купот од третата европска група што од утре до сабота ќе се одржи во Атина.

Учествуваат осум репрезентации поделени во две групи, а на денешната жрепка нашата земја беше извлечена во група Б. Во првата група се Луксембург, Полска, Монако и Грција.

Дописничката на МИА од Атина ја посети нашата репрезентација за време на тренингот во Тенискиот клуб Татои, каде што од утре започнуваат натпреварите. Прв противник ни е Естонија, репрезентацијата која што беше носител на групата и има најдобар ранг на светската тениска листа.

За нашата репрезентација настапуваат Горазд Србљак, Димитар Грабул, Лука Љубен Андонов и Берг Бугариќ, селектор е Чедомир Јовановски, а Владимир Томиќ асистент тренер.

Селекторот, кусо откако ги дознавме противниците, во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека очекувањата се исти како и претходно, односно да останеме во третата лига.

– Жрепката беше наклонета, шансите малку ни се зголемија, имаме шанси да опстанеме, па сега ќе видиме од ден во ден како ќе оди со настапите, вели селекторот на репрезентацијата, Чедомир Јовановски.

Тој додава дека во нашата група, Естонија е најтешкиот противник, а според рангирањето Северна Македонија е четврта во групата.

Нашите тенисери се задоволни од жрепката, иако истакнуваат дека ги очекуваат тешки натпревари.

– Се надевавме дека ќе нѐ послужи среќата и ќе ја извлечеме баш таа група, но тука не завршува ништо, напротив почнува нашиот пат и сметам дека со добра игра, пред сѐ ќе избориме опстанок во оваа група, а после тоа веќе четврток, петок, сабота, се надеваме и на добри мечеви и качување во погорната група, вели Горазд Србљак.

Иако жрепката можеби е оптимистичка, ги избегнавме сите силни држави, сепак треба да сме приземни, да одиме ден по ден. Другите репрезентации се подобро рангирани, имаат добри играчи, така да, ден по ден ќе ја бараме шансата. Утре против Естонија, вели Димитар Грабул за МИА.

Дејвис купот што од 11 до 14 септември ќе се одржи во Атина, предизвика особен интерес во Грција со оглед на тоа дека за првпат, дел од грчката репрезентација е тенисерот број 7 во светот, Стефанос Циципас.

Коментирај