Тамара Тодевска со песната „Proud“ го постигна најголемиот успех на нашата земја во досегашните учества на Изборот за песна на Евровизија, а според најновото пребројување на гласовите, нејзиниот успех се искачи едно место погоре.
ЕБУ излезе со соопштение во кое призна дека по направените стандардни проверки било откриено дека имало грешка при броењето на гласовите на жирито на Белорусија.
„Поради човечка грешка бил употребен погрешен агрегиран резултат“ стои во објаснувањето од ЕБУ, па по новото пребројување на бодовите, Тамара со кумулативни 305 поени го освои седмото, а не осмото место.
Уште подобрата вест е дека според гласовите на жиријата песната „Proud“ е на прво место со освоени 247 поени, а Шведска е втора со 241 поен.
Новата пресметка сепак не влијае на пласманот на најдобрите четири земји учеснички и победникот на Евровизија 2019 уште е Холандија.
Тамара радосната вест ја сподели на социјалните мрежи:
„Каква прекрасна вест. ЕБУ само што ни потврди дека поради грешка во Белоруското гласање, нашата земја е всушност прва од жири и седма во финалето на Евровизија. Не можам да ви опишам колку сум среќна! Ве сакам сите! OMG – I just found out that we actually won the jury vote and we were #7 in the finals, not #08. I am beyond happy! Thank you so much.“
Конечното бодување, по направената корекција, изгледа вака:
Холандија (498 поени)
Италија (472)
Русија (370)
Швајцарија (364)
Шведска (334)
Норвешка (331)
Северна Македонија (305)
Азербејџан (302)
Австралија (284)
Исланд (232)
Република Чешка (157)
Данска (120)
Кипар (109)
Малта (107)
Словенија (105)
Франција (105)
Албанија (90)
Србија (89)
Сан Марино (77)
Естонија (76)
Грција (74)
Шпанија (54)
Израел (35)
Белорусија (31)
Германија (24)
Велика Британија (11)