1 мај 1889, почна да се одбележува Меѓународниот ден на трудот
Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.
Се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, беше употребена сила од страна на полицијата, при што имаше и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот беа изведени на суд, при што четворица од нив беа и погубени.
Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот основачки конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и бившите комунистички земји. Во Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. До 2006 година тој се празнуваше 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.