16 ноември 1945, нацистичките научници се преселиле во САД
Во еден од најконтроверзните потези на крајот од Втората светска војна американските власти им овозможиле прибежиште на 88 германски научници кои претходно работеле за нацистичкиот режим.
Со потегот познат под тајното име „Operation Paperclip“ (Операција Спојувалка), со бродови во САД пристигнале 88 германски научници, повеќето спрецијализирани за ракетна технологија. Речиси сите од нив претходно работеле за развој на нацистичката технологија на Адолф Хитлер, па ваквиот потег наишол на лавина критики во американската јавност која го довела во прашање моралот поради обезбедувањето нов дом и загарантирана работа на оние кои ги развиле страшните и деструктивни ракети V-1 и V-2 со кои Германија ги напаѓала противниците.
Американската влада само кратко објаснила дека „одредени одлични германски научници и техничари“ биле ангажирани за „целосно да се искористат нивните значајни пронајдоци, кои се клучни за нашата национална безбедност“.
Еден од најпознати нацистички научници подоцна станал татко на слетувањето на Месечината. Вернер фон Браун, архитект на нацистичката V-2 ракета, е најзаслужен за ракетата Saturn V која во 1969 го однела Apollo 11 на Месечината, заедно со тројца астронаути.
Курт Хајнрих Дебус, кој исто така работел на V-2 ракетата, подоцна станал директор во НАСА.