19 декември 1921 година, роден е Блаже Конески
На денешен ден, 19 декември, во 1921 година во Небрегово роден е македонскиот поет, писател, јазичар и историчар Блаже Конески.
Конески е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.
Конески по ослободувањето активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.
Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот.
Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател.
Автор е на, меѓу многу други, две значајни поеми во македонското литературно творештво – „Тешкото“ и „Везилка“.
Починал во Скопје, на 7 декември во 1993 година.