20 февруари 1943, бугарските окупатори го убиле Корчагин
На денешен ден во 1943 година бил убиен македонскиот и југословенски народен херој Раде Јовчевски, наречен Корчагин, од страна на бугарската полиција за време на окупацијата на Македонија.
Со само 20 години се вклучил во народно-револуциуонерната борба по окупацијата на Македонија и активно делувал. За неговата глава Бугарите распишале награда од 150 илјади лева. Вечерта на 20 февруари 1943 година, Раде заедно со останатите активисти сакале да се префрлат во куќата на Јорда Нешевска, денес во скопско Маџир Маало. Без нивно знаење биле предадени и куќата била опколена од бугарската полиција. Полицијата почнала да ги гони активистите, а во тие бркотници Раде обидувајќи се да прескокне ограда бил ранет. Така ранет немилосрдно бил убиен од бугарската полиција со неколку куршуми и со извикот: „Еве ти ја слободата и човечките правдини“.
Со указ на Тито бил прогласен за народен херој на 8 октомври 1953 година. Во негова чест средното училиште во населбата Пролет во Скопје го носи неговото име.
Прекарот Корчагин го добил додека работел како кожар во Белград, а според ликот Павел Корчагин од романот „Како се калеше челикот“ на рускиот писател Николај Островски.