27 декември 1945, почнала да се произведува легендарната Буба
Првата повоена Буба излегла од производната линија на фабриката во Волфсбург на денешн ден во 1945 година.
Историјата на развојот на Буба започнува пред Втората светска војна, кога Фердинанд Порше почнал да работи на својата визија за возило што може да се произведува масовно и кое ќе биде достапно за просечниот Германец. Идејата на Порше наишла на одобрување кај Адолф Хитлер, кој и самиот бил фанатик за автомобили, иако не знаел да вози, но врз кој потоа влијаеле достигнувањата на Хенри Форд и неговата производна линија, која ја научил читајќи ја биографијата на Форд. Импресиониран од талентот за дизајн на Порше, Хитлер му дал нацрт на автомобил во кој може да се сместат двајца возрасни и три деца со максимална брзина од околу 40 км/ч. Цената на таквиот автомобил не смеела да ја надминува цената на тогашната цена на мотоцикл.
Првите прототипови на патиштата се појавиле во 1935 година. Кабриолетот V1 и V2 имале алуминиумско тело поставено на традиционални дрвени рамки. Уште во 1936 година почнала да се користи челична конструкција опремена со мотор од 22 КС кој можел да достигне брзина од 40 км/ч. Следните 30 прототипови биле направени во Daimler-Benz, фабрика која со маки прифатила производство на евтин автомобил затоа што ја нарушувало нејзината репутација како производител на скапи и луксузни возила.
Во мај 1938 година била отворена нова фабрика и предвоеното производство на „народниот автомобил“ започнало во септември 1939, истиот месец кога започнала Втората светска војна, оставајќи илјадници клиенти кои платиле за свој автомобил без нивните Буби. Инаку, автомобилот имал сличности со моделот Tatra T97, произведен во Чехословачка во 1937, но и со скиците на унгарскиот инженер Бела Барењи објавени во 1934 година.
На крајот на Втората светска војна Германија била поделена на 4 окупациски зони, а фабриката во која пред војната започнало производството на Буба се нашла во рацете на Британците. Мајорот Иван Хирст бил доведен за да ја процени можноста за обновување на производството на Буба како превозно средство за окупаторските сили. Повоеното сериско производство започнало на 27 декември 1945 година, а веќе во 1946 фабриката произведувала 1.000 автомобили месечно.
По назначувањето на нов генерален директор на фабриката во 1948, било одлучено да се прошири гамата на Volkswagen. На две фабрики им било дадено одобрение за производство на прототипови на верзијата Буба кабриолет. Прототиповите биле целосно тестирани и по добиеното одобрение од Volkswagen, започнало производството на каросеријата за 2.000 автомобили.
Интересно е што Буба извесно време се склопувала во поранешна Југославија, во сараевската фабрика за автомобили ТАС, каде што подоцна се произведуваше и VW Golf. Производството започнало во 1969 година, а Бубите од ТАС биле означени со 1200 J и 1300 J.