










4 јануари 1942/1943: Загинале народните херои Орце Николов, Страшо Пинџур и Мирче Ацев
Сите тројца биле убиени од бугарскиот фашистички окупатор поради нивната борба за слобода на Македонија и победа над фашизмот.
На пат за Македонија по организираното бегство од затворот во Сремска Митровица, минувајќи ја планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владички Хан (Србија), од заседа на бугарскиот фашистички окупатор бил убиен Јордан Николов - Орце, народен херој на Македонија. Бил роден на 7 јануари 1916 година во Скопје. Кумановскиот баталјон во НОВ, формиран во декември 1943 година, во негова чест го добил неговото име.
Наредната 1943 година, по повеќедневно ѕверско мачење во Скопје, бугарската фашистичка полиција го убила Страшо Пинџур, народен херој на Македонија. Бил член на КПЈ од 1934 година. Роден бил во селото Ваташа, Кавадаречко, на 5 март 1915 година. Бугарите неговото тело го закопале на тајна локација, а ден денес не се знае неговиот гроб.
„Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов... Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-три пати му ги стававме нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во келијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во келијата. Штом го рекоа тоа, отидов во келијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата“, запишал началникот на Обласната полиција во Скопје, бугарскиот фашист Љубомир Јорданов.
На истиот ден, исто така во Скопје, по петдневно ѕверско мачење, бугарската фашистичка полиција го фрлила низ прозорец Мирче Ацев, народен херој на Македонија. Првиот батаљон на Народноослободителната војска на Македонија во негова чест го носел неговото име. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Роден бил во селото Ореовец, Прилепско, на 26 септември 1915 година.
Сите тројца биле прогласени за народни херои на Југославија.