Германската индустрија веројатно нема целосно да се опорави од кризата предизвикана од војната во Украина поради високите цени на увезениот течен природен гас, предупреди шефот на мултинационалната енергетска компанија RWE Маркус Кребер.

„Цените на природниот гас во континентална Европа, а особено во Германија, денес се структурно повисоки затоа што, во крајна линија, зависиме од увозот на LNG“, изјави Кребер во интервјуто објавено денеска за Financial Times.
„Германската индустрија е во полоша позиција“, заклучува првиот човек на RWE. „Малку ќе закрепне, но мислам дека ни претстои значително структурно уништување на побарувачката во енергетски интензивните сектори“, додава тој.
Цените на гасот во Европа се намалени за 90 отсто од рекордните највисоки нивоа во 2022 година, но се над просекот од пред кризата и речиси две третини повисоки отколку во исто време во 2019 година, според податоците од тракерот за цените на суровините Argus.

Шефот на RWE смета дека канцеларката Ангела Меркел направила грешка во 2011 година, донесувајќи одлука за затворање на нуклеарните централи и ограничувајќи ја алтернативата за увоз на руски гас преку цевководи.
„Кога точно знаете што сакате да затворите, веднаш треба да почнете да размислувате за нова технологија“, истакна тој.
Компаниите и инвеститорите ја проверуваат состојбата во другите земји кои нудат поволни субвенции и пониски цени на енергенсите.
Индустријата се свртува кон САД за „кохерентна и сеопфатна“ политика која треба да обезбеди враќање на индустриското производство, објаснува Кребер.
„И Европа го сака тоа, но сè уште нема вистинска мерка“, заклучува тој.
Германските компании објавија рекордни 15,7 милијарди долари капитални инвестиции во американски проекти минатата година, приближно двојно повеќе отколку во 2022 година, според податоците на филијалата на FT, fDi Markets.