Како изгледаше вчерашното целосно помрачување на Сонцето?
Милиони луѓе се собраа вчера за да го гледаат реткото целосно помрачување на Сонцето што го покри северноамериканскиот континент, од Мексико до Канада до Соединетите Американски Држави, кога спектакуларниот небесен настан привремено го затемни денот.
Настанот започна на пацифичкиот брег на Мексико во 20:07 часот по средноевропско време. Патеката потоа почна да ја минува првата од 15-те погодени американски држави, од Тексас до Мејн, по што се упати кон источна Канада, каде што го заврши своето патување. Севкупно, сенката на Месечината треба да помине над Америка за околу 90 минути.
„Целосното помрачување е еден од најемотивните настани што човек може да ги доживее“, изјави астрономот на НАСА, Џејн Ригби.
Американските власти со недели издаваа безбедносни упатства, особено потребата од носење специјални очила за гледање на Сонцето, поради ризикот од сериозно оштетување на очите.
Целосните помрачувања се случуваат кога Месечината доаѓа директно помеѓу Земјата и Сонцето, привремено блокирајќи ја светлината на нашата ѕвезда среде бел ден.
Сонцето е околу 400 пати поголемо од Месечината, но и 400 пати подалеку, па изгледа дека двете тела се слични по големина.