

















11 март 1943, кобното утро за македонските Евреи
Ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година почнал прогонот на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор во соработка и по наредба на германските нацисти.
Таа кобна ноќ градовите Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март започнало собирањето на Евреите. Од куќа до куќа оделе полицајци, агенти и војници и ги собирале Евреите. Ги товареле во камиони или во шпедитерски коли. Им велеле со нив да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, а продолжило на железничките станици во Битола и Штип, но и во скопскиот Монопол.
На Главната дирекција на железниците ѝ било наложено, без надомест, со специјални возови, да ги превезува Евреите од Македонија и Беломорието до местата определени од страна на Комесарството за еврејски прашања. На реквизиционите комисии им било наредено во населените места посочени од Комесарството за еврејски прашања да одземат згради потребни за создавање на логори каде што ќе бидат сместени депортираните. Биле мобилизирани граѓански лица коишто по иселувањето на Евреите требало да ги чуваат еврејските имоти сè до нивното ликвидирање. Чуварите биле плаќани од фондот „Еврејски општини“. Сиот неподвижен имоти на иселените Евреи го одземала фашистичка Бугарија.
Различни се податоците околу точниот број на депортирани Евреи. Постојат две групи оригинални списоци за македонските Евреи направени во самиот логор непосредно пред депортацијата; бугарски, според кој во логорот во Скопје се наоѓале 1.702 семејства со 7.056 членови, и германски, според кој во логорот се наоѓале 1.828 семејства со 7.162 члена – со основни податоци. Во тајното писмо од 18 март 1943 година од А. Вите, германски конзул во Скопје, испратено до Министерството за надворешни работи во Берлин, се наведува дека се иселени 7.240 Евреи.
Во извештајот на Германската легација во Софија до Главната царска управа за безбедност и работи за иселувањето на Евреите од Бугарија се наведува дека се иселени 7.122 лица македонски Евреи.
Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија.
Апсење и депортација избегнале само 419 Евреи од Македонија. Некои, кои прво биле уапсени, но бидејќи претставувале интерес за тогашната фашистичка Бугарија, биле ослободени по интервенција на бугарските власти. Таков пример се унгарскиот Евреин Илеш Шпиц, тренер на фудбалскиот клуб Македонија, како и Рафеал Моше Камхи, учесник во Илинденското востание во борбите околу Дебар.
Денес еврејската заедница во Македонија брои само 66 лица, според пописот од 2021 година. Можно е оваа бројка да биде поголема со оглед на тоа пто пописот беше бојкотиран од 132 илјади граѓани од различки етнички заедници. Некои од преживеаните Евреи по војната се преселиле во Израел.