















29 октомври 1944, излегол првиот број на весникот Нова Македонија
Во велешкото село Горно Врановци на денешен ден пред 80 години излегол првиот број на весникот Нова Македонија на македонски јазик, тогаш орган на Народноослободителниот фронт на Македонија.
Вториот број излегол во ослободениот град Битола, а од третиот број весникот почнал да излегува во Скопје. Излегувањето на овој весник е од исклучително значење за развојот на современото македонско новинарство.
За името на весникот имало 3 предлози и тоа: Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Најприфатливо било името Нова Македонија, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење.