Лионел Меси ќе остане во Барселона и следната сезона.
По бурните и неизвесни преговори и покрај неговата огромна желба да замине, Меси сепак ќе остане во Барса уште една сезона.
Тој беше убеден дека ќе може да се извлече од клаузулата во договорот, но Барселона и Ла Лига се децидни дека мора да биде исплатена сума од 700 милиони евра ако сака да си замине сега.
Аргентинецот даде ексклузивно и обемно интервју за Goal.com во кое објаснува дека останува бидејќи не сака судски спор со клубот во кој игра веќе 20 години.
На прашањето зошто чекал досега за да каже како стојат работите во Барса, Меси вели:
„Пред сѐ поради поразот во Лисабон, тогаш ми беше многу тешко. Знаевме дека играме против силен противник, но не знаевме дека така ќе се заврши. Го извалкавме имиџот на клубот. Не сакав да правам ништо потоа. Чекав да помине време за да ги расчистиме работите.“
Меси тврди дека цела година им кажувал на претседателот и управата на клубот дека сака да си замине.
„Верував дека на клубот му се потребни нови, млади лица и дека моето време заврши. Жал ми е бидејќи секогаш велев дека токму тука сакам да ја завршам кариерата. Ова беше тешка година во која многу патев. Мислев и бев сигурен дека може слободно да заминам, претседателот секогаш ми велеше дека на крајот на сезоната ќе може да одлучам дали да си одам или не. Но, на крајот не го одржа зборот“, вели Меси во интервјуто.
Аргентинецот додава дека многу го повредило тоа што некои луѓе и новинари ја довеле во прашање неговата љубов кон Барселона.
„Тоа ми помогна да го видам вистинското лице на луѓето. Фудбалскиот свет е многу тежок и има многу лажни луѓе. Што и да се случи во иднина, мојата љубов кон Барселона нема да се промени“, уверува Меси.
На прашањето што најмногу го повредило во изминатите 20 години и во врска со шпекулациите дека ова го направил за да издејствува нов и подобар договор, Меси одговара:
„Неколку пати имав можност да си заминам од клубот, парите не се проблем бидејќи можев да одам и на друго место да заработам многу повеќе. Но, секогаш велев дека ова е мојот дом, така се чувствував и сѐ уште се чувствувам. Сега чувствувам само дека ми се потребни нови нешта, нови цели.“
Меси инсистира дека не сака да оди на суд и дека никогаш не би ѝ го направил тоа на Барселона. Но, дециден е дека управата на клубот на чело со Бартомеу е катастрофа.
„Клубот нема никаков проект, само ги крпат дупките. Му зборував на претседателот дека сакам да си одам, му го зборувам тоа веќе 12 месеци, но останувам само за работата да не заврши на суд. Мислев дека можам да си одам по крајот на секоја сезона, така зборуваше претседателот. Сега се правдаат дека до 10 јуни тоа никогаш не сум го спомнал“, објаснува Меси.
Аргентинецот додава дека целата драма тешко се одразила и на семејната атмосфера. Кога им кажал на сопругата и децата дека сака да си замине од Барса, дома сите плачеле. Децата не сакале да си заминат од Барселона и да сменат училиште.
Меси тврди дека останува во Барселона бидејќи никој не може да ги плати тие 700 милиони евра. Сепак, многу го погодува тоа што биле објавувани многу невистини и лажни работи.
„Тоа што луѓето мислеа дека ќе одам на суд против клубот, такво нешто никогаш нема да направам. Повторувам, само го барав тоа што ми следува, а според договорот тоа беше да можам да си заминам. Сакав да си одам бидејќи сакав последните години од кариерата да ми бидат среќни. Во Барселона веќе не сум среќен“, искрен е Меси.
Тој вели дека ќе продолжи да игра и да дава сѐ од себе, но и понатаму сака да си оди и да победува. Им посакува само најдобро на соиграчите и на клубот. Не сака да предвидува што ќе биде во иднина, но нагласува дека бара нови предизвици во животот.
Меси е уверен дека ако заминеше тоа ќе беше добро за сите – и за клубот и за него.
На крај, неговата порака до навивачите на Барселона гласи:
„Како и обично, секогаш ќе давам сѐ од себе. Оваа година воопшто не беше добра, но лицемерно е да се каже кога гледаме колку луѓе се соочуваат со коронавирусот и загубиле блиски. Се надевам дека моите победи ќе можам да ги посветам оние кои се напатија во ова.“