Честит 8 Март, до каде сме со рамноправноста?

Негирање на женските права, дискриминација и насилство се дел од работите со кои денес сѐ уште се соочуваат жените. Тие денеска го слават 8 Март како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но во пракса бројките се поразителни и го покажуваат спротивното.

Денес сѐ уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, сѐ уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.

Податоците што ги објави Државниот завод за статистика во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“ покажуваат дека вработеноста се карактеризира со многу неповолна полова структура, односно стапката на вработеност во 2017 година кај жените изнесува 34,6 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 53,6.

– Оваа структура е непроменета во еден подолг временски период, пред сè, поради нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд, велат од Заводот за статистика.

Пониска е и стапката на активност на жените и изнесува 44.3, а забележливо е повисока кај мажите – 69.3.

Жените сѐ уште ретко се одлучуваат и да почнат бизнис и најчесто тоа го прават од потреба. Така, бројот на жени претприемачи се движи околу 30 проценти и најчесто ги има во услужните дејности. Застапени се во микро и малите претпријатија кои имаат мал обрт и профит. Причината за тоа е неможноста да се направи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот и социјалната структура на државата односно немањето доволно услови за социјална грижа за децата и старите лица. Од друга страна и менталитетот кај нас е се уште таков што мажите, за жал, само припомагаат во домашните обврски, а не се грижат заедно со жените за семејството.

– Целта на жените кои започнуваат бизнис најчесто е за да можат да направат економски баланс во семејството, но никогаш не тргнуваат да работат големи бизниси. Нив им е поважно да имаат баланс меѓу фамилијата и бизнисот отколку да се 100 проценти внесени во бизнисот. Тука влијание има социјалната структура на државата односно жената и да сака да биде 100 проценти посветена на бизнисот, нема услови односно нема социјална грижа за децата или за старите лица. Тоа се проблеми кои не и дозволуваат да биде целосно посветена на бизнисот, вели Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени.

Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека жените се повеќе факултетски образовани од мажите. Така, се повеќе жени се запишуваат на факултет и на втор и трет циклус студии. Главно ги има на општествените, хуманистичките и медицинските науки за разлика од мажите кои повеќе преферираат да се запишуваат на техничко-технолошките науки. Слична е ситуацијата и во средното образование односно женските деца повеќе сакаат да се запишуваат во гимназија, а машките во стручните училишта.

Во однос на процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население нема некои поголеми промени. Така, речиси подеднакво е учеството или изразено во бројки 49,9 проценти се жени, а 50,1 процент мажи. Од друга страна, сепак жените се подолговечни од мажите или поинаку кажано живеат 3,8 години подолго од мажите.

И покрај тоа што бројките за односот на мажите и жените во општеството не бележи некои драстични промени, сепак денеска жените се во центарот на вниманието. Во нивна чест најавени се повеќе настани.

Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права четврта година по ред организираат „Марш за правата на жените“. Годинава, маршот ќе биде посветен на жртвите на родово базирано насилство и според најавите ќе се маршира под слоганот „Ти не си виновна!“.

Денеска речиси секоја жена ќе добие цвеќе или подарок од своите најблиски.

Историјатот на одбележување на Меѓународниот ден на жената е поврзан со имињата на Клара Цеткин и Роза Луксенбург. Првиот ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.

Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународниот ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

И покрај многубројните заложби, родовата еднаквост останува само на зборови

Дискриминација, семејно насилство, шовинизам, помало учество на пазарот на труд, помали можности за напредок во кариерата, политиката и во општеството, како и пониска плата за иста работа се дел од проблемите со кои се соочува жената денес и покрај постојаните заложби нештата да се променат, работите и состојбите да се подобрат. Експертите велат, за да се надминат проблемите потребно е да се разбијат стереотипите, да се работи на зајакнување на самодовербата кај девојчињата, но и на економско јакнење на жената. Потребни се и родови сензитивни политики, родови квоти, но и мерки кои државата би ги презела со цел да и го олесни патот на жената за да се избори за местото кое ѝ припаѓа.

Никица Мојсовска Блажевски, главен извршен директор на организацијата Македонија 2025 за МИА вели дека родовите разлики на пазарот на труд се се уште високи. Само половина (55,5 отсто) од жените на работоспособна возраст (15-64 години) се активни на пазарот на труд, што значи дека половина од жените воопшто не придонесуваат кон економијата ниту пак бараат работа. За разлика од нив, 76,7 отсто од работоспособните мажи се вклучени на пазарот на труд. Ова се податоци од третиот квартал на 2019 година.

Јазот е голем и во однос на вработеноста: само 44,6 отсто од работоспособните жени се вработени, што е многу понизок процент од мажите (64,7 отсто) или пак од жените во ЕУ (66,5 отсто во 2018).  Многу помалку жени почнуваат бизнис во однос на мажите, 6,6 наспроти 14 отсто соодветно. Некои пресметки покажуваат дека македонското општество трпи голема загуба заради големиот родов јаз во активноста, вработеноста и претприемништвото (околу 16 отсто  од БДП). И она што е можне важно да се спомне, вели таа, е дека жените во Македонија имаат во просек подобро образование од мажите, така што образованието не е фактор кој би ја објаснил неповолната положба на жените на пазарот на труд.

-Согласно официјалните податоци, неактивноста на жените е најчесто поврзана со обврските на жените во грижа околу домот и околу членовите на семејството, поврзано со се уште традиционалната улога на жената во семејството. Дополнителни проблеми се и недостапноста на институции за грижа за мали деца (градинки) и за грижа на возрасни лица. Оттука, голем товар паѓа на жените, а институциите не им пружаат доволна поддршка. Исто така, многу мал дел од работните места нудат можност за флексибилност во смисла на работни часови, работа од дома итн. Искуството од земјите членки на ЕУ покажува дека активноста и вработеноста на жените е поголема во оние држави како има поголема можност за работа со скратено работно време, вели Мојсовска Блажевски.

Во однос на тоа што ги лимитира можностите на жените да напредуваат на повисоките менаџерски позиции, таа смета дека постојат пречки во општеството за напредок на жените во кариерата, но исто така честопати и недостиг на амбиција на жените.

-Голема пречка е културата, стереотипите  за улогата на жената, како и за способноста на жената. Образованието, уште од млада возраст, развива стереотипи за улогата на родовите и ги обесхрабрува девојчињата да имаат големи сништа и планови за кариерата (се промовира нивната традиционална улога, во рамки на семејството). Треба да се сменат и некои закони, пример за породилно отсуство, потенцира таа.

Дороти Пачкова, од невладината Една може, за МИА истакнува дека сите субјекти во државата кои работат со прашања поврзани со родови политики, се свесни дека ЕУ наложува на сите општествени конституенти, вклучително и на естаблишментот, на државните институции, на политичките партии и граѓанскиот сектор, да го стават родовото прашање како трансверзална тема, низ сите сектори на дејствување. Смета дека квотите за поголемо учество во политиката се добра работа и оти на таков начин со вклучување на повеќе жени ќе создават можности и за унапредување на нивните права во сите сфери.

-Апропо ова, политичките партии, дури и да не се подготвени за реално и ефикасно да го решаваат ова прашење, не сакам да звучи фаталистички, велам и во најлош случај, и да не се подготвени и да им е за глас повеќе, фала им за она 50-50 на изборните листи. Веројатно паметиме дека со квотите започна и присуството на жени во политики и денес еве, после квантитетот, можеме да се радуваме и да благодариме за квалитетот и разликата која жените политичарки ја прават. Најискрени препораки и кон останатите политички партии, и тие да ја искористат алатката 50-50 која е ВИН ВИН за сите нас, вклучително и за самите партии, вели таа.

Јакнењето на жените низ призма на јавни политики, според неа, мора да се темели на политики кои нема да бидат родово слепи, како догеашниве и се основа на можности за пристап до права, ресурси и слобода.

-Ако државата овозможи сите девојки да можат да се образоваат, да можат да работат на работни позиции кои не се по дифолт „женски“ работи, да имаат ексклузивно право над своите тела и идентитети, да имаат слободно време, да имаат пристап до јавните сфери и до економски добра, финансии, имоти, тогаш можеме да кажеме дека ги зајакнуваме жените.

Ова исто така се однесува и дека на жените не им припаѓа ексклузивното право на грижа за домот, за децата и за болните и стари лица во семејствата. Не дека овие обврски не чинат, туку дека треба рамномерно да бидат споделени и со мажите. Само кога ќе ги споделуваат не само обврските, туку и истите нивоа на одговорности, перцепциите и на мажите и на жените ќе се променат во насока на подобро разбирање, ќе знаат како е на местото на другиот и од ваквиот однос најголем бенефит ќе има целото општество. а најсреќни ќе се новите генерации, вели Пачкова.

Таа потенцира дека прашање на родова еднаквост е и прашањето на самохрани родители, со оглед на фактот што над 80 отсто на глобално и над 90 отсто на национално ниво самохрани родители се всушност жени.

-Ако истите препораки ни стигнуваат 12 години по ред од страна на ЕУ, а поедини донесувачи/ки на одлуки, велат дека според нивни убедувања ние сме родова рамноправна заедница или дека нема потреба од специфични закони за еднородителски семејства во случајов, или пак дека феминизација на сиромаштија е измислен термин, како да ви кажам, едноставно не зборуваме на ист јазик. Кога не сте стручни на одредена тема, а немате ниту живо искуство, понекогаш е мудро и доблесно да слушнете што имаат да кажат оние кои тоа го проучуваат и /или живеат. Зошто јазикот на кој ние зборуваме, се темели на научни докази, факти и податоци, резултати од интернационални податоци кои детектираат глобален проблем а е посебно горешт во вакви средини како нашата земја. Воедно па, јазикот на кој ние говориме, низ сите бројки и аргументирани сублимации, е проткаен со поетиката на живото искусување на тоа што значи да се биде самохран родител во патријахална средина, што на сопствена кожа што на кожата на безбројните дојави на жени, жалби и повици за помош кој секојдневно пристигаат во Една може!, вели Пачкова.

Во врска со тоа како се борат за надминување на овие проблеми со кои се соочува жената, таа вели дека активностите им се темелат на неколку приоритетни определувања кои пак не се секогаш во согласност со востановените форми на функционирање на општеството. Се бориме, вели таа, за ниво на општествена благосостојба за сите луѓе, посебно туркајќи благодети во рацете на оние на кои истите им требаат најмногу во тој момент, на децата, на ранливите, на послабите, на кревките, на обесправените, на неразбраните…

Стереотипите, дискриминацијата, шовинизмот и сексизмот на виделина ги исфрли и последниот случај „Јавна соба“ кога во затворена интернет група беа споделувани експлицитни фотографии од девојчиња, девојки и жени. Овој случај беше и мотив Платформата за родова еднаквост во која што членува и Хелсиншкиот комитет за човекови права да организира марш за поддршка на жените жртви, што ќе се одржи денеска.

-Маршот секоја година се фокусира на одредена тема, а со оглед на огромниот степен на двојна виктимизација со која се соочуват жртвите на родово базирано насилство во земјава, паролата „Ти не си виновна“ во нашиот контекст е повеќе од потребна. Фокусот оваа година е на скандалот „Јавна соба“, групата на Телеграм каде стотици девојчиња и жени беа жртви на оналјн родово базирано насилство, кое во јавноста не беше јасно адресирано така. Овој случај, за жал, повторно нè потсети дека институциите, јавноста и медиумите не се запознаени со родово базираното насилство од овој тип, а вината секако падна врз грбот на жртвите. На осмомартовскиот марш ќе бараме правда за сите жени жртви на насилство, институции кои се секогаш на страната на жртвата и јасно залагање за родова еднаквост од страна на државата која како потписничка на Истанбулската конвенција има обврска за спречување и борба против родово базирано насилство, вели за МИА Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во државава.

Според неа, тоа што политичките партии го користат родовото прашање во своите предизборни кампањи, и најавуваат родови квоти 50-50, од една страна можеби служи за добивање политички поени, но од друга страна тоа сепак дава некаква основа за понатамошен развој.

-Ова особено што претставува и добра можност да ги потсетуваме и повикуваме на предвидените реформи од своите програми. И покрај тоа што е неспорно дека во изминативе неколку години има бројни позитивни поместувања во однос на ова прашање, допрва треба да следат бројни реформи за унапредување на правата на жените, вели таа.

Еманципацијата на жените, според неа, оди рака под рака со едукацијата, креирање на еднакви можности за сите и секако разнишување на традиционалните родови норми (во кои нема простор за еманципираната жена ниту пак за мажот кој е феминист). Женската сексуалност, вели, е крајно табуизирана и сè додека тоа е случајот жената ќе претставува сексуален објект, а не субјект со свој израз, желби и потреби. Брзо решение, според неа, нема, но родовата еднаквост како вредност мора да е императив во воспитувањето и образованието.

Во 2019 година само во Хелсиншкиот комитет се има обратено 31 жртва на родово базирано и семејно насилство, но оттаму се свесни дека реалната бројка на жртви на насилство не соодветствува со бројот на пријавени случаи односно дека е многу поголема.

-Од нашата досегашна работа можеме да констатираме дека непријавувањето на насилство од страна на жртвите е резултат на нивната недоволна информираност, како и односот на надлежните институции кон жртвите кој е најчесто обесхрабрувачки. Во однос на случаите на дискриминација, во изминатата година имавме неколку случаи кои се однесуваат на различни основи и во повеќе различни области, почнувајќи од наставни учебници со родови стереотипи, ограничен пристап до здравствени услуги, сексуално вознемирување на работно место, дискриминирачки спортски наградни фондови, …, вели Пировска.

Дел од случаите кои ги иницираше Хелсиншкиот комитет, вели таа, во 2019 имаа правна разврска и покрај тоа што веќе подолго време немаме формирана Комисијата за заштита од дискриминација.

Тагови
реклама

Чест симптом за рак на дебелото црево се забележува при вршењето нужда

Read more

Голем хороскоп за МАЈ 2024: Еден знак остварува долгогодишен сон

Read more

Албанката Ева Мурати ја сметаат за најубава водителка на Лигата на шампионите

Read more

Знаци кои покажуваат дека страдате од недостаток на калциум

Read more

Македонија

Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Read more

Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник

Read more

Мицкоски: На СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа

Read more

ПОЦ: Бесплатен паркинг во Центар за време на Велигденските празници

Read more
 

Вести

Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Читај повеќе

Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник

Читај повеќе

Мицкоски: На СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа

Читај повеќе

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Читај повеќе

Тело на починат маж извадено од Вардар во Велес

Читај повеќе

Избрана е новата Влада на Србија

Читај повеќе

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Читај повеќе

Кривична против двајца штипјани, истепале полицаец

Читај повеќе

САД воведоа нови санкции кон Русија

Читај повеќе