Дали ерупција на супервулкан ѝ се заканува на Италија?

Стотици мали земјотреси го погодија густо населениот вулкански регион западно од италијанскиот град Неапол во последните недели, принудувајќи ја владата брзо да ги промени плановите за масовна евакуација.

Associated Press наведува дека експертите не гледаат непосредна опасност од ерупција.

Земјотрес со јачина од 4,0 степени според Рихтеровата скала вчера ја погоди областа Флегрејски Полиња. Во таа област се наоѓа калдера, вдлабнатина во облик на котел, оставена зад ерупцијата на многу голем вулкан. Калдерата на вулканот Кампи Флегреи, кој последен пат еруптираше во 1538 година, е најголема во Европа.

Се верува дека нова ерупција може да им се закани на половина милион жители. Вчерашното тресење на земјата следеше по земјотресот со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала минатата недела, најсилниот во областа во последните 40 години, соопшти Националниот институт за геофизика и вулканологија (INGV).

Научниците ја смируваат ситуацијата

INGV ги предупреди властите и жителите дека земјотресите може да се интензивираат во блиска иднина, бидејќи сеизмичката активност продолжува. Сепак, тие нагласија дека интензитетот на тресење на земјата не подразбира зголемен или непосреден ризик од нова ерупција.

Во една студија објавена во јуни, тим од научници од INGV ја покрена можноста дека движењата на калдерата може да ја оштетат нејзината кора. Сепак, студијата нагласи дека во моментов нема конкретна причина да се предвиди традиционална вулканска ерупција која вклучува проток на лава.

„Сеизмичката активност се интензивира со месеци. Забележавме повеќе од 3.000 потреси на земјата од почетокот на 2023 година. Сепак, само 65 беа над магнитудата 2,0“, рече Џанфилипо Де Астис, виш истражувач во INGV. Тој потсети дека слични феномени се случуваат во областа со илјадници години, вклучително и „цикличен процес на подигање и опаѓање на нивото на земјата“, кој е широко набљудуван и измерен.

Неапол е опкружен со вулкани

Областа Флегрејски Полиња се протега западно од периферијата на Неапол до Тиренското Море. Околу една третина е делумно потопена под Заливот Поцуоли, додека преостанатите две третини се дом на околу 400.000 луѓе. Градот Неапол е опкружен со вулкани од двете страни: Флегрејски Полиња е на запад и Везув на исток.

Везув е познат во светот по тоа што ги уништил античките градови Помпеја и Херкуланеум кога еруптирал во 79 година од нашата ера. Неодамнешната серија земјотреси не предизвика никаква штета или повредени, но предизвика нова загриженост. Расте притисокот на граѓаните врз локалните власти и десничарската влада предводена од премиерката Џорџа Мелони.

Експертите го советуваа градскиот совет на Неапол да изврши безбедносни проверки во болниците, училиштата и јавните згради. Министерот за цивилна заштита, Нело Мусумечи, рече дека владата го забрзала развојот на „плановите за итен егзодус“, за кои треба да се разговара на следниот владин состанок.

„Плановите треба да се ажурираат“

Според сегашните планови за евакуација, откако ќе се достигне нивото на тревога, стотици илјади луѓе кои живеат во најопасните области ќе бидат преместени во други италијански региони. Меѓутоа, во една студија минатата година на Националниот совет за истражување (CNR), група економисти процени дека итна евакуација на целата област ќе чини околу 30 милијарди евра годишно, со негативно влијание врз бруто домашниот производ на Италија од околу 1%.

Ризикот од вулканска ерупција низ целиот јужен регион Кампанија - кој го вклучува Неапол - би влијаел на околу три милиони луѓе на подрачје од околу 15-20 километри од можна ерупција, се вели во студијата.

„Нема сомнеж дека плановите треба да се ажурираат, но тоа е сложено прашање. Секако, патеките за бегство мора да се прошират за да се овозможи побрза евакуација. Владата дефинитивно треба да дејствува на инфраструктурна страна“, смета Де Астис.

Тој нагласува дека проблемот се „психолошките фактори“ кои се многу понепредвидливи.

„Имаме историски искуства од ерупции каде што граѓаните одбивале да ги напуштат своите домови и претпочитале да останат и таму да умрат. Што да правиме во тој случај?“, прашува тој.

Тагови
реклама

Чест симптом за рак на дебелото црево се забележува при вршењето нужда

Read more

Голем хороскоп за МАЈ 2024: Еден знак остварува долгогодишен сон

Read more

Албанката Ева Мурати ја сметаат за најубава водителка на Лигата на шампионите

Read more

Што е сексомнија?

Read more

Свет

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Read more

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Read more

САД воведоа нови санкции кон Русија

Read more

Полска и по 20 години во ЕУ не е подготвена да го воведе еврото

Read more
 

Вести

Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Читај повеќе

Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник

Читај повеќе

Мицкоски: На СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа

Читај повеќе

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Читај повеќе

Тело на починат маж извадено од Вардар во Велес

Читај повеќе

Избрана е новата Влада на Србија

Читај повеќе

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Читај повеќе

Кривична против двајца штипјани, истепале полицаец

Читај повеќе

САД воведоа нови санкции кон Русија

Читај повеќе