Денеска е годишнина од смртта на Махса Амини, иранските власти стравуваат од немири

Иранците во земјата и во странство денеска ја одбележуваат првата годишнина од смртта во полициски притвор на младата Курдка Махса Амини, а активистите предупредија на обновени присилни мерки кои имаат за цел да го спречат заживувањето на протестите што ги потресоа големите ирански градови минатата година.

Амини, 22-годишна Иранска Курдка, почина неколку дена откако беше уапсена од верската полиција за наводно кршење на строгите правила за облекување за жените кои беа во сила по револуцијата во 1979 година. Нејзиното семејство вели дека таа починала од удар во главата, но иранските власти го оспоруваат тоа.

Гневот поради нејзината смрт брзо се претвори во неколкунеделни протести за кршење на табуата, бидејќи жените ги скинаа своите покривки на главата, отворено пркосејќи на владеењето на Исламската Република под врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Активистите ја обвинуваат власта дека уште повеќе ги репресира граѓаните

Но, по неколку месеци, тие го загубија моментот пред одговорот на владата во кој безбедносните сили убиле 551 демонстрант, според норвешката организација Иран за човекови права (IHR), а уапсиле повеќе од 22.000, според Amnesty International.

Иранските власти соопштија дека десетици припадници на безбедносните сили се убиени во, како што ги опишуваат, „немири“ поттикнати од странски влади и непријателски медиуми. Седум мажи беа егзекутирани откако беа осудени во случаи поврзани со протестите.

Активистите велат дека властите продолжиле со зголемената репресија врз Иранците пред годишнината, вршејќи притисок врз роднините на загинатите во протестите во обид да ги спречат да зборуваат.

Human Rights Watch со седиште во Њујорк соопшти дека членовите на семејствата на најмалку 36 лица убиени или егзекутирани во владиното задушување на демонстрантите биле испрашувани, уапсени, гонети или осудени на затвор во текот на изминатиот месец.

Две новинарки важни за случајот се во затвор речиси една година

„Иранските власти се обидуваат да го потиснат несогласувањето за да спречат јавна комеморација на смртта во притвор на Махса Џина Амини, која стана симбол на системското угнетување на жените од страна на владата, неправдата и неказнивоста“, рече високиот истражувач на HRW во Иран, Тара Сепехри Фар.

Две новинарки кои направија најмногу за да го објават случајот Амини - Нилуфар Хамеди и Елахе Мохамади, кои известуваа од нејзината болница и погребот - се во затвор речиси една година. Друга новинарка, Назила Маруфијан, која го интервјуираше таткото на Амина, Амјад, беше апсена неколку пати.

Амџад Амини изјави за персиските медиуми надвор од Иран дека планира да одржи комеморација за својата ќерка во неговиот роден град Саќез во западен Иран населен со Курди подоцна во сабота. Медиумите, вклучително и прашкото Радио Фарда, објавија дека тој бил повикан од разузнавачи по неговата објава.

Тој не беше уапсен, но еден од вујковците на Амини, Сафа Аели, беше приведен во Саќез на 5 септември. Според курдскиот весник Hengaw, владата испратила дополнителни безбедносни сили во Саќез и другите градови во западен Иран кои би можеле да станат жаришта.

„Кажи го нејзиното име“

Додека некои жени сè уште се гледаат во јавноста без шамии, особено во богатите, традиционално либерални области на северен Техеран, парламентот во кој доминираат конзервативците моментално размислува за нацрт-закон кој ќе наметне многу построги казни за непочитување.

„Исламската Република ја удвојува репресијата и одмаздата врз сопствените граѓани и се стреми да воведе нови и драконски закони кои дополнително ги ограничуваат правата на жените и девојките“, рече Сара Хосеин, претседателка на мисијата за проверка на факти на ОН, формирана по репресијата на иранската влада врз демонстрантите.

Под слоганот „Кажи го нејзиното име!“ се очекуваат комеморативни собири на иранските емигранти и големи демонстрации во Париз и Торонто. Амнести интернешенел ги обвини иранските власти дека извршиле „низа злосторства според меѓународното право за да го отстранат секој предизвик на нивната железна контрола“ и предупреди дека ниту еден функционер не бил под истрага за смртта на Махса Амини или за задушувањето на протестите.

„Годишнината нуди моќен потсетник за земјите ширум светот за потребата да се покренат кривични истраги под универзална јурисдикција за грозоморните злосторства извршени од иранските власти“, рече заменик директорот на Амнести за Блискиот Исток и Северна Африка, Дијана Елтахави.

Тагови
реклама

Свет

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Read more

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Read more

САД воведоа нови санкции кон Русија

Read more

Полска и по 20 години во ЕУ не е подготвена да го воведе еврото

Read more
 

Вести

Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Читај повеќе

Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник

Читај повеќе

Мицкоски: На СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа

Читај повеќе

Макрон: Не исклучувам испраќање војска во Украина

Читај повеќе

Тело на починат маж извадено од Вардар во Велес

Читај повеќе

Избрана е новата Влада на Србија

Читај повеќе

Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“

Читај повеќе

Кривична против двајца штипјани, истепале полицаец

Читај повеќе

САД воведоа нови санкции кон Русија

Читај повеќе