Избрани членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Скопје,  13 февруари 2021 (МИА) – Tри месеци по усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Собранието ја усвои Одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата избра седум од пријавените 44 кандидати, по што тие беа изгласани на пленарна седница. Опозицијата во Парламентот се воздржа од гласање поради, како што наведоа, партиско влијание при изборот на членовите, а власта порача дека државата конечно ќе добие професионална институција. Невладините организации, нагласувајќи дека граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација, и покрај, како што посочуваат, бројните недостатоци во постапката на избор на членови, сметаат дека овој предлог состав е значително подобар од кој било претходен состав на Комисијата.

По ваквите спротивставени ставови на власта и опозицијата останува отворено прашањето дали Комисијата ќе биде вистински заштитник на правата на граѓаните или ќе дозволи да и се стави печат на исполитизираност или партиска блискост и припадност на некои членови. Од Комисијата, пак, најавуваат дека ќе воспостават институција што ќе се бори против дискриминацијата на сите основи.

Комисијата за прашањата на изборите и именувањата во рамки на предвидените рокови избра седум членови кои ги изгласа и Собранието. За членови на оваа Комисија за спречување и заштита од дискриминација  избрани Игор Јадровски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Неда Чаловска Димовска, дипломиран правник од Скопје, Лимко Бејзароски, политиколог и доктор по историски науки од село Пласница, општина Пласница, Ирфан Деари, лекар специјалист од село Боговиње, кои се со мандат од пет години, додека м-р Кире Василев политиколог од Битола, Исмаил Камбери, магистер по правни науки, и Весна Бендевска, психолог од Битола, се избрани со мандат од три години.

Токму селекцијата на кандидатите беше предмет на забелешки и од невладините организации уште кога Законот беше во изработка. Од Мрежата за заштита од дискриминација реагираа дека власта не го прифатила нивниот предлог за потранспарентен избор на членови на Комисјата за заштита од дискриминација. Одредбата што ја предложиле, меѓу останатото, предвидувала листата кандидати за членови на комисијата и нивните лични биографии да бидат објавени на веб-страницата на Собранието, а во рок од пет дена од објавувањето на листата, да се организира интервју на кандидатите кое ќе се емитува на Собранискиот канал, а ќе го спроведува Комисијата за селекција, на јавна седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија. Дополнително, измените предвидувале членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум членови – по двајца пратеници од власта и од опозицијата, по двајца претставници на граѓанското општество и по еден претставник на Националното координативно тело за недискриминација.

Од Мрежата најавија и амандман, кој беше предложен од пратеник во Собранието, но тој не беше усвоен и постапката за избор се одвиваше по предложеното решение во собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата.

Но, по донесувањето на законот и изборот на сегашниот состав на Комисијата, од Мрежата за заштита од дискриминација посочија дека иако имало недостатоци во постапката на избор на членови, персоналниот состав е значително подобар од било кој состав претходно.

-Покрај бројните недостатоци во постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сметаме дека овој предлог-состав е значително подобар од кој било претходен состав на Комисијата. Го поздравуваме поставувањето на листата на кандидати со богато искуство во спречувањето и заштитата од дискриминација кои воедно доаѓаат од здруженија кои се етаблирале како независни чинители во унапредувањето на човековите права на граѓаните. Клучна наша забелешка е недостатокот на родово-балансирано учество на предлог-листата, иако половина од кандидатите беа жени, а дел од нив со исклучителни биографии во областа на човековите права и недискриминацијата, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Пратениците од опозицијата при изборот на Комисијата посочија дека при селекцијата на членовите партиското и политичкото влијание, сепак, биле доминанти. Во листата, како што рекоа, препознале партиски луѓе и меѓупартиски договор на коалициските партнери од власта. Најавија дека ќе гласаат воздржано, поради, како што посочија, начинот на кој бил направен изборот.

За владејачкото мнозинство, нема дилеми дека овој предлог-состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е непартиски, неселективен, затоа што, како што велат, наидува на поддршка од цел невладин сектор. Со негласањето, сметаат од власта, ВМРО-ДПМНЕ удрило шлаканица на сите оние граѓани кои, на било кој начин биле дискриминирани во општеството.

Од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација потенцираат дека ќе бидат професионално тело, а не, како што велат, како што тоа било случај претходно.

Кире Василев, член на новата Комисија неодамна порача дека веќе очекуваат претставки од граѓаните, но додаде дека можат да направат увиди и по службена должност за случаи за кои има сомнеж за дискриминација.

– Граѓаните можат да поднесат претставка лично, писмено или усно, исто така може да ги застапува и фондација, невладина организација или синдикат. Граѓаните можат да поднесат и судска тужба, преку парничка постапка ќе се одлучува нивниот случај. Она што е битно е тоа дека и пред Комисјата и пред судот претставките одат на државниот буџет, значи не на личниот буџет, така што ги охрабруваме граѓаните да се обратат кај Комисијата, вели Василев.

Според него, волјата на државата за конечно да воспостави Комисија на професионални основи резултирала со тоа да се одвои посебна ставка од буџетот.

-Тоа е одлично. Со финансии сме горе-долу покриени. Она што е наша интенција е да поставиме професионални стандарди од кои граѓаните ќе можат да бидат задоволни и да воспоставиме една институција која ќе има збор во нашето општество и ќе се бори против дискриминацијата на сите основи, рече новиот член на Комисијата.

Во последниот Извештај на Мрежата од заштита на дискриминација кој се однесува на спроведувањето на законот од 2011 до 2018 година, стои дека тогашната Комисија за заштита од дискриминација во најголемиот дел од случаите не постапувала во законски предвидениот рок, а во одредени случаи рокот за донесување на мислење го надминува и за неколку месеци. Констатирано е дека Комисијата нема унифицирана и електронски достапна база на податоци. Во 2017 и 2018 година Комисијата за заштита од дискриминација немала ниту функционална интернет-страница.

-Презентираните практични примери во анализата покажуваат неконстантност, непрофесионалност и тенденциозност во постапувањето на Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација различно постапува во исти или слични случаи во зависност од политичката афилијација на потенцијалниот дискриминатор, се вели во Извештајот.

Во него е констатирано и дека дел од членовите кои се членови во Комисијата за заштита од дискриминација немаат претходно искуство во областа и работа со ранливи групи. Дел од членовите на Комисијата за време на нивниот мандат имале поврзаност со тогашната владејачка коалиција и имале регистрирана историја на дискриминаторски говор и говор на омраза. Констатирано било и дека кај Комисијата отсуствува јавна осуда за дискриминација во медиумите кон маргинализираните групи, со цел да оствари превентивна улога согласно. Комисијата не преземала мерки медиуми што континуирано пренесуваат хомофобични содржини да бидат санкционирани, не повела ниту една постапка по службена должност, а само само еднаш покренала прекршочна постапка против дискриминатор кој ја нема испочитувано нејзината препорака.

Како еден од најиндикативните примери за исполитизираност на членовите на Комисијата, од Мрежата за заштита од дискриминација, е утврдената дискриминација во претставката на поранешниот премиер Никола Груевски кој во Комисијата се жалел на дискриминирачки однос на судијката Добрила Кацарска во предметот на тогашното СЈО „Тенк“.

-Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семеен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената практика, туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чиишто членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде што очигледно нема дискриминација, се вели во Извештајот од Мрежата за заштита од дискриминација.

Новиот Предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, во речиси идентична форма во која беше усвоен во претходниот парламентарен состав, а беше укинат во мај минатата година од Уставниот суд поради донесувањето без потребното мнозинство од 61 пратеник, беше усвоен повторно кон крајот на октомври.

Со законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Дискриминација, согласно законот, е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Законот ќе се применува и во приватната, и во јавната сфера, и во одредбите од законот експлицитно се наведени областите каде не смее да има дискриминација, меѓу кои, едно од наведените е токму работата и работните односи.

Законот што беше укинат годинава во мај, беше донесен лани во мај. Уставниот суд во февруари годинава поведе постапка за Законот за заштита од дискриминација бидејќи бил донесен без потребното мнозинство. Го укина во мај, бидејќи откако тој повторно бил вратен во Собранието, по претседателското вето, требало да биде донесен со посебно мнозинство, а тоа во правната ситуација, според Судот, е апсолутното мнозинство, односно консензус од 61 пратеник, што не било случај со неговото донесување.

Првата национална институција за човекови права во земјава по осамостојувањето е Народниот правобранител која започнала со работа во 1997 година, а од 2009 година има и појасни и позасилени надлежности во врска со еднаквоста и недискриминацијата, како и со надлежности во врска со принципот на соодветна и правична застапеност.

Во 2008 година граѓанското општество ја обнови и засили инцијативата за донесување на посебен антидискриминациски закон. Овој процес беше дополнително поддржан и стимулиран и од евроинтегративните процеси, вклучително и мапата за визна либерализација, каде еден од условите беше и донесувањето на ваков закон, како и континуираните напори на владата за усогласување со европското законодавство. По неколкугодишни подготовки, текстот на првиот посебен антидискриминациски закон – Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД), беше усвоен во април 2010 година.

Со овој закон беше основана Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД, Комисијата), која е воедно и прво тело за еднаквост во Македонија. Иако во текот на подготовката на текстот беа разгледани повеќе институционални опции (зајакнување на Народниот правобранител за оваа тематска работа, основање на посебно одделение во рамките на Министерството за труд и социјална политика, итн), од дискусиите произлезе дека најмногу поддршка има за формирање на посебно тело за еднаквост, и тоа во колективната форма – Комисија. Членовите за првиот состав беа избрани во декември 2010 година, а самата Комисија започна да работи со стапувањето во сила на законот – на 01 јануари 2011 година.

реклама

Финансиски хороскоп до 12 мај: Враќање долгови и неочекувани трошоци

Read more

Од жица и камења сами направете убави саксии

Read more

Таjчи по 34 години го облече фустанот што го носеше на Евровизија

Read more

Чарлс Баркли го отпиша Јокиќ

Read more

Македонија

Три лица се обиделе да влезат во објект каде што се чува изборен материјал, не е причинета штета

Read more

Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР

Read more

На денот на изборите автобусите по неделен возен ред, жичницата нема да работи

Read more

Од полноќ пониски цени на горивата

Read more
 

Вести

Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции

Читај повеќе

Три лица се обиделе да влезат во објект каде што се чува изборен материјал, не е причинета штета

Читај повеќе

Самостојна изложба на Камуран Горанци, Код 4

Читај повеќе

Венеција за само 11 дена заработи огромна сума на пари со наплата на влезници

Читај повеќе

Хамас ќе предаде 33 заложници, некои од нив се мртви

Читај повеќе

Кривични против поранешен градоначалник на скопска општина и директорка на детска градинка

Читај повеќе

Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР

Читај повеќе

На денот на изборите автобусите по неделен возен ред, жичницата нема да работи

Читај повеќе

Италијанскиот министер за одбрана: Треба да преговараме со Путин

Читај повеќе