Мадрид, град кој рушеше рекорди по бројот на заразени со коронавирус, бележи нагло намалување на бројот на заразени.
Додека медиумите зборуваат за „мадридско чудо“, епидемиолозите како главна компонента го наведуваат воведувањето на брзи антигенски тестови, пишува Večernji list.
Мадрид кон крајот на септември од ден на ден ги рушеше рекордите по бројот на новозаразени со коронавирус. На 29 септември, 14-дневна инциденца на 100.000 жители беше 785 случаи, додека другите автономни региони забележаа помалку од 500 случаи.
Тогаш се случи пресвртот. Бројките почнаа да паѓаат и денес шпанската претстолнина има само 300 новозаразени за 14 дена, додека истовремено работат рестораните и кафулињата до полноќ, а парковите се преполни.
Медиумите пишуваат за „мадридското чудо“, пресврт што не може да се објасни докрај, но епидемиолозите како главна компонента го наведуваат воведувањето на брзите антигенски тестови. Пред почетокот на новиот бран властите купија 5 милиони тестови и почнаа со интензивно тестирање во проблематичните подрачја.
Каталонија, област во која се во сила строги мерки што влијаат на туризмот и угостителството се скептични за бројките во Мадрид, но оттаму одговараат дека податоците од болниците не лажат.
На почетокот на октомври во болниците беа хоспитализирани повеќе од 2.500 болни, но оваа недела се примени околу 200, а повеќе од 300 се оздравени и отпуштени од болница. Антигенските тестови беа клучни.
Заменик министерот за здравство Антонио Запатеро вели дека ова им овозможи на властите да воведат затворања, а потоа и отворања откако се подобри ситуацијата, пишува Večernji list.