Контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт е обвинет за силување, трговија со луѓе и формирање на организирана криминална група за сексуална експлоатација на жени.
Обвинети се и неговиот брат Тристан, како и двајца соработници. Сите ги отфрлија обвинувањата. Браќата Тејт беа уапсени во нивниот дом во Букурешт во 2022 година. На 31 март тие беа префрлени од притвор во домашен притвор по одлука на романски судија.
Во обвинението се наведува дека четворицата обвинети формирале организирана криминална група во 2021 година за вршење трговија со луѓе во Романија, но и во други земји, вклучително и САД и Велика Британија.
Во него се наведени седум жртви за кои се вели дека биле уценувани од браќата Тејт со лажни ветувања за љубов и брак. Судењето се очекува да трае неколку години.