Русите ја бојкотираат серијата „And Just Like That…“ поради стереотипот за руска проститутка, а гневните руски мигранти кои живеат во САД покренаа петиција со барање за извинување.
Од кога почна да се прикажува, продолжението на серијата „Sex and The City“ наиде на критики. Овојпат, серијата ги разбесни руските гледачи ширум светот, кои го обвинуваат HBO Max за двојни стандарди кога станува збор за инклузивноста, како и за крајно лицемерие. Гледачите ја бојкотираат серијата, а тие покренаа петиција со барање за официјално извинување, пишува Russia Beyond.
Бурните реакции се за осмата епизода од серијата во која се појавува ликот на новата сосетка Кери Бредшо, Лисет (ја игра Катерина Таненбаум), која живее под неа во најелитниот дел на Менхетен.
Убава, млада, се забавува до доцна во ноќта, а често се бакнува пред зграда со згоден маж и прави врева на скалите со пријателите, па Кери не може да спие.
Меѓутоа, она што Кери ја интересира особено во целата ситуација е од каде младата жена ги добила парите за елегантниот стан во Апер Ист Сајд.
„Па, таа е руска проститутка“, одговара нејзината пријателка Сима, агент за недвижнини, додавајќи дека ова е типично сценарио кога станува збор за скапите недвижнини и нивните станари.
Овој коментар предизвика лавина негативни реакции, а навредените Руси објавија многу коментари по објавата на HBO на Instagram со која беше најавена нова епизода.
Користејќи ги хаштаговите #metoorussia и #metoorussian, тие ја обвинуваат мрежата за нетолеранција и двојни стандарди.
Гневните руски мигранти кои живеат во САД покренаа петиција на change.org со барање за официјално извинување. Мрежата, според некои корисници, била зафатена со отстранување коментари, но се чини дека не е доволно брза.