Деновиве се врши санација и уредување на двете велосипедски патеки во парк-шумата Водно.
Земјените патеки за качување и спуштање беа полни со суви гранки и камења и веќе почнаа да претставуваат опасност со велосипедистите што ги користат.
„Направивме увид во отпочнувањето на активностите за санација и одржување на двете велосипедски патеки на Водно. Со санацијата на велосипедските патеки повторно ќе се овозможат оптимални услови за нивно користење, а ќе се зголеми и безбедноста на велосипедистите. Посветено работиме согласно програмата на сите активности со кои Водно, зелениот штит на Скопје, континуирано ќе се одржува со цел да се подобри целокупната грижа за планината“, рече градоначалничката Данела Арсовска која синоќа на лице место изврши увид во работите на терен.
Додаде дека ќе се изврши санација и на пешачките патеки, како и акција за пошумување.
„Отпочнавме со санација на велосипедските патеки во должина од 3.000 метри, по што продолжуваме со пешачките патеки. Со дополнителна поддршка и проекти настојуваме да ги реализираме многубројните планирани активности за Водно со цел зазеленување за што најавуваме акција за пошумување од почетокот на месец ноември во периодот на сезоната на садење“.
Во рамките на активностите за санирање на патеките се врши отстранување на суви дрвја и грмушки, кроење на гранки, отстранување на камења, машинско косење и отстранување на отпадоци. Со реализација на овие активности од страна на екипите на градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“, кои продолжуваат со редовно одржување на овие патеки, долгорочно ќе се обезбедат услови за нивно непречено користење од страна на сите љубители на планинскиот велосипедизам и сите посетители.