Северна Кореја тврди дека извршила успешно тестирање на нов вид интерконтинентална балистичка ракета со „суперголема боева глава“ со домет до копното на САД.
Државните севернокорејски медиуми ја соопштија веста денес, само неколку часа откако лидерот Ким Џонг Ун дал наредба во 3 часот утрината да биде лансирана ракетата Hwasong-15 што достигнала најголема висина досега забележана во тестирањата на Северна Кореја.
Државната новинска агенција KCNA го нарече овој нов проектил „најмоќниот досега“ и дека „ја исполнува целта: да се заврши развојот на системот за ракетно оружје“.
По лансирањето, Ким рече дека Северна Кореја „конечно ја реализираше големата историска кауза: комплетирање на државната нуклеарна сила“.
Секретарот за одбрана на САД Џејмс Мати претходно рече дека лансирањето на ракетата покажува дека Северна Кореја е способна да погоди мета „каде било на светот“.
Ракетното тестирање, што беше прво по она во септември, се случи и покрај предупредувањата на американскиот претседател Доналд Трамп кој по лансирањето рече дека САД „ќе ја средат“ ситуацијата.
Ракетата Hwasong-15 се вивна 4.475 километри кон небото, помина 53 минути во возздух и потоа падна во водите во близина на јапонското крајбрежје, вели Северна Кореја. Ваквото тврдење е во согласност со пресметките на Јапонија и на Јужна Кореја.