Спасовски: Нема потреба од нова вонредна состојба, изборите се на 5 јули

Скопје, 2 јуни 2020 (МИА) – Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5 јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо, изјави премиерот Оливер Спасовски во интервју за ТВ 24.

– Има алтернативни мерки, пристап  до избирачите како и на кој начин треба да се пристапи,  да се промовира програмата. И врз основа на протоколите кои ги издадоа од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе можат да се организираат овие предизборни дејствија, како и денот на изборите, истакна Спасовски.

Според него, изборите ќе се организираат согласно протоколите, со внимание да имаме успешен и мирен изборен процес.

– Ние секогаш кога носевме одлуки во изминатиот период тоа беше врз основа на лекарските препораки и внимававме на здравјето. Така ќе и биде и во иднина, се што ќе одлучиме во врска со изборите ќе биде врз основа на лекарските мислења, изјави Спасовски.

Тој потенцираше дека законските норми условуваат изборите да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба.

– За нас е важно да имаме функционални институции, не можеме и понатаму вака, немаме Парламент, а воведовме вонредна состојба за да може државата да функционира само преку Владата. Носењето на уредбата за прекин на изборите го условува датумот за избори. Ако таа прекине почнуваат да течат тие 22 дена за финиширање на изборниот процес. Јас знам дека важно е да имаме консензус околу датумот, затоа и имаше лидерски средби, потенцира Спасовски.

Премиерот нагласи дека сега имаме состојба во која ќе живееме подолго и затоа мораме да имаме избори во првиот можен рок, бидејќи немаме начин како да функционираме како држава ако немаме избори.

– Очекувам сите политички парти да направат сопствена анализа и да учествуваат на изборите, дополни Спасовски.

Според него, комуникација може да има во секое време само партиите да најдат прифатлив датум за избори. Тој нагласи дека и 21 јуни беше можен датум за избори, но ситуацијата налагала продолжување на вонредната состојба, додавајќи дека смета оти согласно условите нема потреба од нова вонредна состојба.

– Нема потреба да се продолжи вонредната состојба. Претходно, исто така бев против, но имавме за носење уште некои уредби во врска со здравствената и економската криза и не смееше да дозволиме да не се донесат затоа што се важни за здравјето на луѓето и за стопанството. Изборите ни се условени од вонредната, таа мора да заврши, па потоа да почнат да течат останатите 22 дена за одржување на изборите. Што значи, за избори на 5 јули вонредната мора да заврши на 14 јуни, иако сепак се зависи од здравствената ситуација, изјави премиерот Спасовски.

Тој напомена дека државата е нефункционална и дека изборите се решение за да можат институциите да ги исполнуваат обврските во целосен капацитет.

– Што ќе ни се случува по месец, два, три… дали нема да има нови заразени? Ова нема да заврши преку ноќ, а ние мораме да ги комплетираме институциите. Ако имавме полн политички мандат со функционален парламент ќе беше поинаку, ќе функционираше државата. Затоа сега, според протоколите за заштита, ќе направиме се да имаме безбедни избори. Ако носиме маска во маркет, во ресторан, тогаш зошто да не носиме и на гласачките места, потенцира Спасовски, кој воедно е и потпретседател на СДСМ.

Коментирајќи ги обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека одлуките ги носи Комисијата за заразни болести се политички мотивирани, Спасовски истакна дека Комисијата е составена од професионалци, врвни експерти, кои ги носат сите одлуки, ги согледуваат сите состојби, прават анализи и утврдуваат факти и врз основа на наука и предлагаат мерки.

– Ставот на ВМРО ДПМНЕ ми е јасен, да се политизира работата на Комисијата, не е добро, не е коректно да се води политика преку лекарите. Ако ја политизираме целата работа тогаш нема никој да има полза. Христијан Мицкоски пред неколку дена и веруваше на комисијата, од неа бараше мислења за изборите, а сега наеднаш не му се допаѓа комисијата, нагласи Спасовски.

Тој оцени дека политиканството преку лекарите нема да донесе ред во државата, тоа ќе го направат изборите, кои стануваат неопходност и решение.

Според него, сите ќе мораме да бидеме свесни дека мораме да живееме со вирусот, дека не можеме да се изолираме до крај и дека едноставно животот мора да тече.

– Затоа е важно сите ние да бидеме оние кои ќе го почитуваме тие препораки од здравствените власти, да носиме заштитна опрема, да одржуваме физичка дистанца, да не се групираме, односно сите протоколи коишто значат заштита во поголема група да се почитуваат максимално, заклучи Спасовски.

Обезбедени се пари за функционирање на државата до крајот на годината

Сите пари за нормално функционирање до крајот на годината се обезбедени, во смисла на плати, на пензии, на други трансфери. Не можеме целосно да процениме што ќе се случи до декември, но очекуваме дека сите аспекти ќе се подобрат, и здравството и економијата, еве во мај имаме зголемен прилив во буџетот за разлика од април. Ќе имаме дополнителни економски раздвижувања, не ги прекинавме капиталните инвестиции, правиме сѐ да ја одржуваме државата економски активна, наведе техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Тој во интервјуто на Телевизија 24 нагласи дека и оваа година државата има милионски долгови и камати заради долговите на ВМРО ДПМНЕ.

– Наш став беше дека партиите не треба да ги земаат државните пари за оваа година кои им следат според закон. И ние ќе останеме на тоа, иако други партии не се согласуваат. Тоа е исто како и со функционерите, нашите ги донираат платите, другите не го прават тоа. Ќе размислиме дали со уредба можеме да ги ограничиме парите за партиите од буџетот, изјави Спасовски.

Според него, државата е подготвена да се справи и со трет бран на корона вирусот, но само ако има функционални институции, како парламент и политичка влада.

Тој напомена дека опозицијата манипулира со информации дека СДСМ поткупува гласачи.

– Не можам да се сложам дека хуманитарните активности во време на пандемија се поткуп на гласачите. Па сите држави носат мерки за заштита на граѓаните и на економијата. Да имавме избори на 12 април и да немавме пандемија немаше да носиме вакви мерки за спас на стопанството и за заштита на здравјето. Оттаму, секој вид помош за граѓаните во време на пандемија не може и не смее да се толкува како поткуп, односно да се користи во политички и предизборни цели, потенцираше премиерот Спасовски.

Состојбата е под контрола, засега нема потреба од карантински мерки

Сите епидемиолошки анкети се направени во овој момент, на тоа се должи тврдењето дека ситуацијата е под контрола. Владата е во постојано заседание, секој момент ако се процени дека има потреба од преземање на дополнителни рестриктивни мерки, тоа ќе го направиме, затоа што е важно тие мерки коишто ќе ги поставиме да носат резултати и да бидат ефективни, изјави во интервју Спасовски.

Тој во однос на несоработката на одредени граѓани при спроведувањето на епидемиолошките анкети, наведе дека е почетокот на кризата имаме состојби во кои одредени граѓани не соработуваат добро со епидемиолошките служби, меѓутоа тоа не е правило, туку напротив, како што посочи, секаде има некакви исклучоци.

На новинарското прашање дали се доцни со воведување на карантински мерки во општините во кои има заболени лица, со оглед на тоа што се високи бројките на заразени лица, а нема никакви рестрикции, Спасовски нагласи дека апсолутно не станува збор за доцнење со воведување на мерки.

– Ние разговараме често и на седниците на главниот Штаб заедно со Комисијата за заразни болести, на Влада… Овој предлог беше ставен на маса веднаш, значи апсолутно не станува збор дека некој доцни со одлуката, односно Владата, или Комисијата, како предлог. Тоа што е на терен моментално, целата состојба е под контрола, во смисла на дефинирањето на сите кластери. Ако погледнете во Скопје на пример, имаме најголем број на заболени Сарај, Чаир и Општина Гази Баба, сите тие кластери се ставени под контрола дури и денешните бројки, кои се над 30 во Скопје, потекнуваат токму од тие семејства коишто биле во изолација. Во Штип исто така ситуацијата е целосно под контрола, потнцираше техничкиот премиер.

Во однос на тоа дали се планирааат карантински мерки во општините каде има поголем број заболени лица, Спасовски рече дека во овој момент во Сарај ги следат анализите, вчера, како што наведе тој, имаше само двајца заболени во оваа Општина, таму целосно се извршени сите тестирања на тие кластери и ако вака се одвива ситуација ќе нема потреба од воведување на карантин.

– Доколку почнат да паѓаат бројките, тоа е заклучокот и на Комисијата, во наредните две до три дена тогаш нема потреба од воведување на рестриктивни мерки. Доколку имаме зголемување на тие бројки секако дека се размислува за воведување на карантински мерки за одредени подрачја, посочи техничкиот премиер.

На новинарското прашање дали може повторно во Скопје да биде воведен полициски час или карантин, Спасовски рече дека сите опции се отворени.

–  Сега засега мислиме дека ако вака се развива состојбата, само во тие неколку општини и во познати кластери, ќе немаме потреба за таква работа, меѓутоа доколку добива интензитет развојот на настаните во друга насока тогаш е можно да се носи одлука за рестрективи мерки. Без разлика дали е тоа Скопје, Штип или друга општина, истакна техничкиот премиер.

Во однос на тоа кое е неговото мислење за причината за зголемувањето на бројот на заболени, Спасовски нагласи дека кај нас луѓето не ги почитуваа целосно мерките, оние за заштита, за групирање.

– Имаме околу 85 отсто кои ги почитуваат, но има и такви кои не се одговорни. Имавме кршење на полициски час, дел од луѓето се уште не веруваат дека вирусот постои, и сето тоа влијае. Исто како што имавме инертно однесување на МВР, односно јавен настап на Наќе Чулев во кој кажа дека нема да ги казнува граѓаните кои не почитуваат мерки. Јас се обидувам да ги наведам причините кои го зголемуваат бројот на пациенти. Исто така имаме масовно тестирање во некои средини, како Тетово, како Штип, и затоа имаме нов број заболени, но тоа ќе се намалува деновиве. Како и да е, ситуацијата е под контрола. Но, ние секако мораме да сме поодговорни и посвесни за ризиците, изјави  Спасовски.

Тој објасни дека сите мерки за функционирање на системот се на сила и дека сега се е во одговорноста на граѓаните.

– За да немаме вакви случаи во иднина, Комисијата за заразни болести издаде многу протоколи, за сите сфери во стопанството, кој како да работи и како да се однесува. Ако бидеме принципиелни и ги почитуваме протоколите секако дека самите ќе спречиме ширење на вирусот. Контролата дали се почитуваат мерките во овие моменти мора да биде најсилна. Владините мерки се однесуваат на сите, како на пример мерката да не се групираме повеќе од двајца. Ако некој не ја почитува мора да биде санкциониран. Ако нема казни за литијата во Струга, тогаш се охрабруваат и други граѓани да не почитуваат мерки и да се групираат. Едноставно, со почитувањето на мерките ги намалуваме ризиците, заклучи Спасовски.

реклама

Македонија

Граѓанските иницијативи и еко-здруженијата испратија 18 прашања до политичките партии

Read more

ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни, имало ситни одрони на сите патни правци

Read more

ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска Македонија повторно да ја вратиме на народот

Read more

Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ

Read more
 

Вести

С.О.С. фестивалот се враќа на домашната сцена

Читај повеќе

Маскиран со фантомка влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: Притвор за 28-годишник

Читај повеќе

Граѓанските иницијативи и еко-здруженијата испратија 18 прашања до политичките партии

Читај повеќе

ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни, имало ситни одрони на сите патни правци

Читај повеќе

ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска Македонија повторно да ја вратиме на народот

Читај повеќе
  • play_arrow

Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ

Читај повеќе

Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петров и Сарај

Читај повеќе

Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено

Читај повеќе

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Читај повеќе