Специјалното шоу „Friends: The Reunion“ на HBO Max беше емитувано вчера и публиката имаше прилика да ги види омилените „Пријатели“ заедно за првпат по речиси две децении.
Собиранката беше емотивна и за актерската екипа што се обедини за првпат по 17 години откако беше снимена последната епизода од мегапопуларната серија од 10 сезони што уште има милиони фанови ширум светот.
Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Мет Лебланк, Метју Пери и Дејвид Швимер се вратија на сцената 24, каде што првично се снимаше ситком серијата за шесте пријатели кои живеат во Њујорк во 90-тите.
Сепак, тие велат дека ова е последната собиранка на актерската екипа за јавноста.
„Станавме најдобри пријатели. Серијата ни ги смени животите... Но ова е последен пат да разговараме за серијата како група, нема да го направиме ова пак за 15 години“, рече Кокс.
Секако, тоа не значи дека тие нема да продолжат да се дружат приватно - сите нагласуваат дека станале најдобри пријатели и во приватните животи и се тука едни за други, што и да се случи.