Amazon планира да отпушти повеќе од 18.000 работници, потврди извршниот директор Енди Џеси.
Откако веста за отпуштањата протече во јавноста, Џеси ги потврди шпекулациите во објава на веб-страницата на Amazon, велејќи дека разговорите со работнициte ќе започнат на 18 јануари и дека ќе им бидат понудени отпремнини, како и поддршка за барање друга работа.
Најпогодени од отпуштањата ќе бидат одделите за интернет продажба (Amazon Stores) и одделенијата за управување со човечки ресурси, рече тој.
Компанијата со седиште во Сиетл почна да отпушта работници од одделот за апарати во ноември, а извор за Reuters изјави дека првичната цел биле 10.000 отпуштања, пренесува Хина.
Amazon вработува над 1,5 милиони работници на глобално ниво и е втор по големина приватен работодавач во САД. Се подготвува за забавување на растот на бизнисот бидејќи зголемената инфлација ги принудува бизнисите и потрошувачите да ги намалат трошоците.