Белгискиот фудбалер Еден Азар дефинитивно повеќе нема да игра за репрезентацијата на својата земја и ја отфрли можноста да се врати во националниот тим.
Триесет и двегодишниот Азар реши да се прости од белгиската репрезентација, а ги откри и причините.
„Не можам да замислам да не играм за Реал Мадрид, а потоа да одам во репрезентацијата и да играм. Не се враќам, тоа е 100 проценти сигурно. Не се гледам себеси како го правам тоа, не ни размислував тоа“, рече Азар.
Ниту поканата на кралот на Белгија не ја промени неговата одлука.
„Кралот Филип ме покани, но она што го разговаравме останува меѓу нас. Во фудбалот никогаш не треба да се каже ‘никогаш’, но јас имам други работи со кои треба да се занимавам. На пример, сакам да поминувам повеќе време со моите деца, со моето семејство. Нема да ја променам својата одлука. Почнав да размислувам за повлекување од репрезентацијата по Европското првенство, во тоа време тренирав многу, се повредив и не можев да играм против Италија. Тони Крос ја напушти германската репрезентација пред две години и ми рече дека кога другите играчи се со репрезентацијата, тој може да ужива со своите деца“, додаде Азар.
Тој истакна дека имал добри односи со селекторот Роберто Мартинес, и дека е изненаден што Тјери Анри одбил да стане селектор на Белгија.